Search
недела 20 октомври 2019
  • :
  • :

Судија на Врховниот суд добил автомобил како мито за да пресуди во корист на авто куќа од Скопје

Судија на Врховниот суд на Македонија добил автомобил како мито за да реши предмет во  корист на автокуќа од Скопје, открива за Сведок, сопственикот на салонот за автомобили.

Тој исплашен дека ќе го изгуби спорот, иако дал кола, реши да ја сподели информацијата со Сведок, но на нашето инсистирање дали ќе го пријави случајот и во полиција, рече дека најверојатно и тоа ќе го стори.

Додека не биде пријавен официјално, Сведок ќе ја објави приказната без името на судијата, сопственикот и автосалонот.

-Се тужевме со друга фирма за објект во Кисела Вода. Пред Основниот и апелациониот суд го изгубивме случајот, но фативме врски за да ни биде усвоена ревизијата што ја поднесовме до Врховниот суд. За „услугата“ да бидат укинати двете пресуди, судијата, како претседтел на Советот побара да му дадеме автомобил. Така и направивме, судијата го „почестивме“ со нов автомобил од нашиот автосалон сместен на еден од влезовите во Скопје. Врховниот суд ја прифати ревизијата и го укина предметот враќајќи го пред Основниот суд- објаснува сопственикот на салонот на автомобили.

Но, според него, проблемот настанал кога предметот дошол на повторно одлучување пред Врховниот суд. Судијата се уште е во Врховниот суд, но не е во Советот кој треба да одлучува.

Според признанието на сопственикот, тој исплашен дека сега ќе го изгубат спорот, побарал помош од сегашни и екс членови на Судскиот совет кои имаат влијание и се распрашувал што да направи сега.

-Еден од членовите на Судскиот совет ме советуваше да се обратам кај лице блиско до Претседтелот на Врховен и на тој начин да се среди работата- наведува сопственикот.

Во целиов случај, според кажувањето на сопственикот на салонот за автомобили, интересно е што во нивната компанија работи и сопруга на еден обвинител на висока позиција во јавнообвинителската организација, па и тој бил замолен да помогне спорот да се реши во нивна корист.

Судијата, чие име нема да го објавиме додека не биде пријавен формално случајот, се уште работи во Врховниот суд, а во неговиот анкетен лист има пријавено возило (на негово име или на блиските) од марка што се продава во овој автосалон, но засега и овој податок ќе го задржи Сведок за себе додека не се официјализира случајот.

loading...