Search
среда 26 февруари 2020
  • :
  • :
Најнови Вести

СДСМ ИМА КАНДИДАТИ ЗА НОСИТЕЛИ НА ЛИСТИ ЗА ПРЕДВРЕМЕНИТЕ ИЗБОРИ

Од извори во СДСМ Магазин.мк дознава дека веќе е почната внатрепартиската дискусија за тоа кои актуелни политичари ќе бидат на чело на листите за кандидатите за пратеници на предвремените избори во април. Засега како сигурни носители на пратеничките листи се спомнуваат Зоран Заев за ИЕ4, како и генералниот секретар Љупчо Николовски за ИЕ3. За другите изборни единици, ИЕ1, ИЕ2, ИЕ5 и ИЕ6, сеуште се води внатрепартиско лобирање меѓу Радмила Шеќеринска, Никола Димитров, Мухамед Зеќири, Мила Царовска и Оливер Спасовски. Но, конечните решенија ќе бидат познати после мерењето на рејтингот преку теренски анкети во текот на февруари.

За изборната едница 1 во игра се следниве имиња: Радмила Шеќеринска, Мила Царовска и Никола Димитров.

Партиската база и дава предност на Шеќеринска, која е една од најзаслужните за успехот на Заев да го превземе кормилото на СДСМ во 2013та година, како и заради нејзиниот долг партиски стаж. Слабоста пак на Шеќеринска како кандидат е што внатре во самата партија има влијателни поединци кои не ја симпатизираат, како и шпекулациите дека таа нејзината перспектива повеќе ја гледа во дипломатијата, како амбасадор во Вашингтон. Мила Царовска, според извори во СДСМ, подобро стои на анкетите од Шеќеринска, а во последно време започна и повидлива ПиАр кампања. Иако формално не е член на СДСМ, во игра за носител на листата во ИЕ1 е и министерот Димитров, кој го потпиша Преспанскиот договор, што може да биде и главен адут во кампањата на владеачката партија. Неговиот нестаток е што еден дел од членството на СДСМ го смета за политички конвертит кој во иднина може да ги изневери.

За ИЕ2 најголеми шанси за носител има актуелниот технички премиер Оливер Спасовски. Важи за човек од доверба на Заев, го познава добро теренот, а истовремено е и главниот тег за рамнотежа со крилото на Шеќеринска. Неговата слабост е што не е во добри односи со актуелниот градоначалник во Куманово, Максим Димитриевски, кој заради лични и бизнис интереси би можел со одредена пасивност да му намали дел од гласачкиот потенцијал на Спасовски. За ИЕ3 речиси е извесно дека носител на листата на пратеници ќе биде генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој потекнува од Крива Паланка.

За изборната едница 6 во игра се Мухамед Зеќири и Радмила Шеќеринска (доколку отпадне од комбинацијата за ИЕ1).

Заев сака да покаже дека во неговата партија лојалните албанци котираат високо и дека може да бидат и носители на пратенички листи. Предноста на Мухамед Зеќири е што има одлични односи со Заев, а истовремено и сопругата од вториот брак му е македонка, што може да биде добар ПиАр ефект за привлекување на гласовите на македонците од Тетово, Јегуновце и Гостивар. Доколку сепак анкетите покажат дека сеуште членството на СДСМ не е спремно за носител албанец, тогаш во игра е и Шеќеринска, која има одлични односи со Теута Арифи и на таа основа може да лобира за добивање и на одреден број на ачлбански гласови.

За ИЕ5 во игра се министрите Венко Филипче и Мила Царовска (доколку Царовска не биде ангажирана во ИЕ1). Венко Филипче има семејно потекло од Охрид и тоа му дава некаква предност, но сепак последните афери во кои се споменува неговото име, како Рекет2 и Штипската болница, се резервите кои ги има во СДСМ за ваквото решение. Од друга страна Мила Царовска имала добар рејтинг во Битола, што е многу битно за СДСМ, особено после дебаклот со бившиот ген.сек. Кирацовски и очајниот рејтинг на градоначалничката Петровска. И како што веќе споменавме, сигурен носител на ИЕ4 ќе биде претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој очекува силна подршка и од неговите градоначалници во Струмица, Радовиш, Босилево и Василево.

loading...