Search
среда 20 ноември 2019
  • :
  • :

Обвинителите Јовески и Пановски: Наводите на „Ла Верита“ се чиста шпекулација, a зошто на Рускоска да и веруваме?

Државниот обвинител, Љубомир Јовески, и обвинителот во јавното обвинителство за гонење организиран криминал, Наум Пановски, велат дека тврдењата на италијанскиот весник „Ла Верита“ за случајот со Меѓународниот сојуз на Боки 13 се „чиста шпекулација“.

„Наводите во текстот не се точни и од фактографски и од аспект на севкупното постапување на институциите во овој случај. На пример, обвинителката Вилма Русковска во тоа време воопшто не беше шеф на обвинителството за гонење организиран криминал за некој преку неа да се обиде да влијае во случајот“, вели за „360 Степени“ обвинителот Наум Пановски.

ШТО ОБЈАВИ „ЛА ВЕРИТА“

„Ла Верита“, во текстот потпишан повторно од Ларис Гајсер, пишува дека „притворањето на Фросина Ременски делува како битна амортизација со која премиерот Зоран Заев се обидува уште еднаш да се спаси од кривична одговорност. За време на нашето истражување добивме потврда дека Управата за финансиско разузнавање (УФР), сомневајќи се на некои незаконски дејства при трансакцијата на парите на Силјан Мицевски, го замрзнала плаќањето од 750.000 евра извршено во корист на Лилјана Тодоровска. Почитувајќи ги легалните процедури, УФР за потенцијалното кривично дело уредно го известило Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на чие чело е обвинителката Вилма Русковска. Таа тогаш го имала целото право да определи притвор на неопределено време и да почне истрага“, пишува италијанскиот весник.

Сепак, според нашите информации, пишува „Ла верита“, а и од сведочењето на обвинителот Наум Пановски пред републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, следниот ден Заев лично ја побарал Русковска наредувајќи ѝ да ги одблокира парите. „Русковска, не случајно фаворитка на Заев за замена на Катица Јанева, специјалната обвинителка која во моментов е во затвор поради нашите откритија, му наредила на обвинителот задолжен за случајот, да ги следи директивите дадени од Заев. Потоа, ниту една дополнителна истражна активност не била сметана за потребна и парите, 750.000 евра, биле префрлени на сметката на примателот во следните 48 часа. Ваквите сведочења ја потврдуваат директната поврзаност помеѓу премиерот Заев и рекетот извршуван од Боки 13, но најмногу, ја потврдуваат личната блискост помеѓу двајцата, којашто е докажана исто така преку фотографии на Боки13. Обвинителот Пановски самоиницијативно, борејќи се со сопствената совест, во август му ги раскажал фактите што ги знаеше на државниот обвинител“, објави „Ла Верита“.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДЕМАНТИРА

„360 Степени“ ги контактираше споменатите обвинители. Тие велат дека ниеден од наведените факти за нивната улога во случајот не е точен. Како најочигледен пример за тоа го наведуваат тоа што Вилма Русковска воопшто не раководела со обвинителството за организиран криминал во тоа време.

Русковска е избрана за шеф на ова обвинителство во ноември 2018 година, а постапувањето на институциите за случајот започнува кон крајот на 2017 година. Исто така, велат дека Управата за финансиска полиција веќе детално јавно го образложила постапувањето во случајот.

Од обвинителството најавуваат и официјален демант.

„ПРИЗМА“ ВО ДЕТАЛИ ПИШУВАШЕ ЗА СЛУЧАЈОТ

Порталот за истражувачко новинарство „Призма“ во август објави интервју со директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, кој детално зборува за случајот.

Според „Призма“ и Муареми, при крајот на 2017, банка пријавила во една друга институција, Управата за финансиско разузнавање дека има сомнителна трансакција. Потоа таа го информирало Обвинителството, кое, пак, ги замрзнало средствата, и ѝ се обратило на Финансиската полиција да ги истражи потеклото и намената на паричните средства.

Муареми вели дека колегите утврдиле оти градежната компанија од Битола префрлила над 700.000 евра на жена по основ на склучен договор за посредување. Пред да ѝ се исплатат парите во Финансиска полиција била викната пензионерката и таа им кажала оти тие ѝ се за проект што бил замислен како модерен европски центар за возрасни лица.

„Таа достави целокупна документација за проектот. Според нејзиниот исказ, проектот е поминат во претходната влада кога имало Ден на идеи и имал некоја потврда дека таа влада проценила оти навистина може да се реализира“, вака Муареми одговара на прашањето како пензионерката Лилјана Тодоровска ги убедила дека проектот е реален.

Директорот на Финансиската полиција објаснува дека пензионерката ги добила парите по основ на склучен договор за стратешко партнерство и деловна соработка, а објектот со дополнителни пари требало да го гради битолската фирма.

„Овие пари се давале само за изумот.“

Тоа не ви беше малку сомнително, го прашавме Муареми.

На почеток да, вели тој, но по жената го повикале и управителот и сопственик на градежната фирма од Битола. Муареми е внимателен и не спомнува имиња, меѓутоа во јавноста веќе е јасно дека станува збор за бизнисменот Силјан Мицевски и за неговата градежна фирма „Пелистер“.

„Неговата изјава соодветствуваше со изјавата на жената.“

Сепак, како што раскажува директорот на Финансиската полиција, тие продолжиле да истражуваат. Се сомневале во перење пари.

„Утврдивме дека парите што се префрлени на изумителот на проектот, се пари што се собрани од акумулираната добивка од минати години на фирмата. Не се сомнителни, не се пристигнати од некои трети фирми или од офшор-компании, кои може да ги легализираат на овој начин. И реално е дека компанијата работела успешно во минатите години.“

Нè интересираше дали од денешна перспектива, откако „пукнаа“ скандалите со Бојан Јовановски, Финансиската полиција, сепак, можеби требало да истражува повеќе.

Муареми тврди дека истражувале. Повторно ја викнале жената и ја прашале зошто сака да ги подигне парите во готово. Таа, пак, дошла со адвокат.

„Кога ние почнавме да ‘напаѓаме’ дека ова е фиктивно, првото нешто што направи нејзиниот адвокат нѐ праша: Чекајте, дали на државата ѝ се платени даноците? И навистина ни доставија потврда оти за таа трансакција е платен персоналниот данок на исплатените пари. Од друга страна, компанијата го платила данокот на добивка и сопственикот тврдеше дека тие се негови пари и ќе прави со нив што сака. И толку. Заднината на сето тоа не можеш да ја утврдиш додека не користиш други мерки како на пример посебни истражни мерки.“

Тука Финансиската полиција изготвила посебен извештај и го пратила во Обвинителство за понатамошно постапување. Парите се одмрзнале и жената ги подигнала. Сега таа тврди дека била ограбена од некој од Меѓународниот сојуз.

„Да го кажеше тоа во тоа време, истрагата сигурно ќе имаше друга насока“, вели Муареми за „Призма“.

loading...