Search
петок 6 декември 2019
  • :
  • :

Тричковски е под заштита на власта на Заев и нема обвинител што ќе се осмели да го гони, или судија да го осуди

НЕПРОЦЕНЛИВ Е ПРИДОНЕСОТ НА ХЕЈТЕРОТ БРАНКО ТРИЧКОВСКИ ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕТО НА ВИСТИНСКАТА, АВТОРИТАРНА ПРИРОДА НА ОВАА ВЛАСТ

Читам и слушам дека незапирливо продолжува вербалната агресија на Бранко Тричковски, неговата експлозивна манифестација на патолошката омраза кон Милчин, кон мене и кон многу други што не ја споделуваат срамната апологија на власта и што не му се поклонуваат (до небо) на фронтлајнерот на пропагандата на Зоран Заев.

Луѓе ми делат разни совети. Едни велат да го игнорирам. Други велат до тужам за навреда и за клевета. Трети ми предлагаат да се обидам со кривично гонење. Сите на некој начин се во право, но јас нема да прифатам ниту еден од овие совети. Еве зошто.

Прво, било каков обид да се побара законска одговорност за ова зло однапред е осуден на неуспех. Тричковски е под заштита на власта на Заев и нема обвинител што ќе се осмели да го гони, или судија да го осуди, иако на секој просечно информиран човек му е јасно дека вербалната агресија на нашиот Мефистофелес неспорно е казнива според законот. Но, за Тричковски важи принципот на неказнивост и јас навистина немам намера против тоа да се борам.

Второ, јас сум делумно виновен за ова дивеење на овој лик на јавната сцена. Пред околу шест години, го вратив човекот од заборав, го промовирав во улогата на водечки колумнист на “Слободен печат” и му обезбедив пристоен хонорар за неговиот ангажман. Објективно, јас сум соучесник во креирањето на оваа монструозна појава. Нема смисла сега да се оправдувам и да ги објаснувам моите мотиви, кои беа чесни, колегијални, пријателски и човечки пред сè. Сето тоа веќе никому не значи ништо, а најмалку пак на бескарактерниот хејтер. Моја грешка. Ни прва, а веројатно ни последна во животот.

И трето, јас мислам дека на Тричковски и на неговите најверни фанови (хејтери како и тој самиот) треба да им се остави можноста да уживаат во манифестацијата на својата патолошка омраза, кога тоа веќе ги прави помалку несреќни и помалку мизерни одошто се во реалниот живот. А јавноста има право и треба да знае какви злобни луѓе, какви мразачи и некадарници се перјаници на пропагандата на оваа власт. Така полесно ја препознаваме и нејзината сè понагласена авторитарност. Во таа смисла, придонесот на хејтерот Тричковски во намалувањето на популарноста на владата на Зоран Заев е непроценлив. Мислам дека веќе го надмина придонесот на некогаш неприкосновениот Саше Поликлинико.

Ете затоа нема да ги игнорирам писанијата на овој тажен лик. Напротив. Неговите најголеми дострели во ширењето на говорот на омраза ќе ги споделувам со јавноста, со цел тие да добијат поголема гласност, за што повеќе читатели да разберат со какви (не)луѓе си имаме работа. Во таа смисла, ме радува тоа што Тричко секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредува. Кон сопствената морална провалија.

loading...