Search
вторник 18 јуни 2019
  • :
  • :

Таткото на Фросина за Макфакс: Ако нема правда за моето дете, тогаш јас ќе ја земам во свои раце

„Или ќе има правда за моето дете или ќе станеме Див Запад, па секој ќе се снаоѓа како умее и знае, ќе си ја зема правдата во свои раце“, изјави Љупчо Цековски, таткото на прегазената Фросина, за „Макфакс“, по одлуката на Апелација за намалување на казната на три години за возачот Љубиша Видојковиќ. Цековски вели дека болката е уште поголема од пред 4 години кога загина Фросина и за него е неприфатливо, како што вели, толку ниска казна за некој што возел со преголема брзина и усмртил човек на пешачки премин, а потоа избегал и не укажал помош.

„За семејството Цековски, болката е преголема по загубата на најмилото и ништо не може да ни ја врати ќерката. Но, се надевавме дека правдата ќе излезе на виделина и дека сторителот ќе си ја добие заслужената казна. Очигледно правдата е во рацете на моќните. Не знам што да кажам, очекувавме казна затвор од најмалку 10 години, а тие му намалија на три. Ова ли е држава, ова ли е судство? Згора на тоа, му го поништија делото дека не ѝ укажал помош по удирањето во неа. Порачувам, нема да се смириме, ќе се жалиме до сите институции“, рече Цековски.

За таткото на Фросина, има многу неразјаснети работи во целиот случај. Тој вели дека не му е јасно како сведоците пред судот тврделе дека девојчето поминало на зелено, а вештачењето покажало дека било запалено црвено светло.

„Не знам, не ми јасно. Барав да се вратат камерите, да се зумира, но не дозволија. Кажаа дека било црвено светло и толку“, додава таткото на Фросина.

Адвокатот на семејството Цековски, Благоја Ангеловски, вели дека кога ќе ја добие одлуката од Апелациониот суд, ќе поднесе иницијатива до Врховен суд за преиспитување на висината на казната.

„Ќе бараме преиспитување на казната затоа што болката е преголема за злото што му е нанесено на семејството. Се надеваме дека судските институции ќе го разгледаат нашето барање и ќе ја сменат одлуката во корист на Цековски“, рече адвокатот Ангеловски.

Инаку, Фросина Цековска, студентка од Крива Паланка, загина на пешачки премин во сообраќајна несреќа на булеварот Партизански одреди кај Универзалната сала. Возачот Љубиша Видојковиќ не застанал по кобниот удар, а при прегледот му се најдени 1,2 промил алкохол во крвта. Кривичниот суд еднаш му пресуди и го осуди на 6 и пол години затвор, но Апелација го врати процесот назад и ја поништи пресудата. На второто судење Видојковиќ беше осуден на 4 години затвор, а денеска Апелација, која жалбата ја разгледувала на јавен претрес, му ја намали затворската казна дополнително на 3 години.

ИЗВОР; МАКФАКС.МК

loading...