Search
среда 17 јули 2019
  • :
  • :

Со Бугарија заедно ќе ги чествуваме Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил

На предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната седница на Владата е усвоена информација за првиот состанок на меѓувладината комисија меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, основана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија одржан во Софија на 10 јуни 2019 година.

Министрите, како што соопшти владината прес-служба, по постигнатиот напредок во работата на комисијата во делот на античката историја ги прифатиле сугестиите за заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил, личности од нашата заедничка историја.

„Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува”, се додава во соопштението.

На владината седница, како што пишува, биле прифатени заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за 5 одделение во Република Бугарија и за 6 одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Истовремено се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за 6 одделение во Република Бугарија и 7 одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година.

На седницата на Владата исто така било заклучено Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања решително да ја забрза својата активност за значајни теми од нашата заедничка историја (Гоце Делчев, Илинденското востание и други), и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година, во однос на содржината на учебниците. Притоа, прифатено е во својата работа Комисијата строго да се придржува кон одредбите од чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, каде што се нагласува дека е неопходен “придонес за објективно, засновано на автентични и засновани историски извори за научно толкување на историските настани”.

loading...