Search
четврток 23 мај 2019
  • :
  • :
Најнови Вести

Симната забраната за продажба на книгата „До атентатот и по него“ на Стојан Андов

Апелациониот суд ја укина времената мерка на Основниот суд Скопје 2 да се забрани продажбата на книгата „До атентатот и по него“, на поранешниот собраниски спикер, Стојан Андов. Апелација ја прифатила желбата на адвокатот на Андов, Звонко Давидовиќ, кој вели одлуката на првостепениот суд да ја забрани книгата е прејудицирање на пресудата.

Времената мерка беше донесена по барање на тужителот. Професорот Љубомир Фрчкоски го тужи Андов за клевета, бидејќи во книгата се зборува за неговата улога во атентатот на поранешниот претседател, Киро Глигоров. Давидовиќ објаснува дека Фрчковски не е наклеветен, бидејќи, како што вели, Андов пишува за пропустите во истрагата во тоа време, а тврдењето, додава, го поткрепува со факти и со дадени изјави.

-Никаде во книгата Андов не го навредува, ниту клевети Фрчкоски, туку зборува за Министерството за внатрешни работи во тоа време и неговите пропусти апропо неколку ситуациии со кои се соочи Република Македонија. Една е етентатот на Киро Глигоров, втората ситуација е сообраќајката на Стојан Андов, како претседател на Собранието. Тој пишува дека ништо не е преземено од страна на МВР во овие случаи. Третата ситуација е што за многу суштински работи МВР немаше одговор ниту преземени дејствија – вели Давидовиќ и додава дека Андов за своите тврдења користи референци како што е книгата на Киро Глигоров, изјави од амбасадори и написи во медиумите.

По одлуката на Апелација времената мерка се враќа во првостепениот суд на повторно одлучување. Се додека судот повторно не се произнесе, додава адвокатот, книгата на Андов може слободна да се продава и реиздава.

-Ќе видиме каква одлука ќе донесе сега првостепениот суд. Жално е, но се е можно. Судот не ги претрпе потребните реформи, затоа сме во ваква ситуација. Сепак, ако законите се почитуваат, книгата не може да се забрани – вели Давидовиќ.

Тој се повикува на Законот за облигациони односи и Законот за граѓанска одговорност, според кои, доколку одреден текст има клеветничка содржнина, може само да се забрани тој текст и понатаму да се објавува, но не може да се бара текстот да биде избришан.

-Не е возможно тоа да се избрише. Тужбата на Фрчкоски се однесува на делови на книгата во кои смета дека има клеветничка содржина, а судот не ја гледа целата книга во една целина, како една голема слика за случувањата во 1993-та, 1994-та 1995-та година. Внатрешната и надворешната положба на Република Македонија во тоа време. Забрането е времената мерка да биде иста или слична со тужбеното барање, а во овој случај времената мерка беше слична со барањето. Но поради неписменоста на судот, затоа што судот не знае да го прочита законот, донесе таква одлука. Судот не ја прочитал книгата за да носи одлука, треба да ја прочита – порачува Давидовиќ.

loading...