Search
петок 14 декември 2018
  • :
  • :

Шок-бомба од НАТО

loading...

СЛОБОДЕН УДАР: Шок-бомба од НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, ја шокираше македонската јавност со изјавата дека бегството и азилот на Груевски не е проблем на НАТО, туку на Скопје и Будимпешта.

Петнаесетина невладини организации побараа, ултимативно, Владата во рок од десет дена да ѝ соопшти на јавноста сè во врска со бегството на експремиерот Никола Груевски, осуден на две години затвор и обвинет за тешки кривични дела. Како ја напуштил земјава, кој е виновен за пропустите, кој постапувал погрешно или, евентуално, соработувал во големиот меѓународен скандал. „Во спротивно ќе бараме политичка одговорност на највисоките функционери. Апелираме да не се подрива ЕУ-перспективата на Македонија, која зависи од владеењето на правото. Потсетуваме дека избегнувањето на правдата, ја урнисува надежта на граѓаните во демократијата, за која народот се бореше со години“, предупредија тие.

Инсистирањето на вистината од страна на невладините се совпадна со нејзиното арогантно игнорирање од страна и на владините и на другите организации, вклучително и на меѓународните. Каква што е, на пример, НАТО. На прашањето како е можно Груевски да помине низ две земји-членки на НАТО, а во третата, во Унгарија, да добие азил, нејзиниот генерален секретар Јенс Столтенберг одговори кратко, но сосема јасно навредливо за сите правдољубиви: тоа не е проблем на НАТО, туку на Скопје и на Будимпешта. Истиот (!?) оној Столтенберг, кој во македонското Собрание рече дека настаните од 27 април биле шок за НАТО и дека „принципите на слобода и владеење на правото го дефинираат битието за тоа што е оваа земја и НАТО денес“!

Не помал шок за македонската јавност се настаните од 9 ноември – денот кога избега оној што го шокираше НАТО на 27 април – па сè до денеска, вклучувајќи го молкот на сите надлежни владини министерства, тајни и јавни служби, агенции и слично и, секако, изјавата на генералниот на алијансата. Од едноставна причина што сето тоа заедно не значи ништо друго, туку избегнување на правдата и урнисување на надежта на граѓаните во демократијата, за која народот се бореше со години, како што велат невладините. Зашто, како што рече Столтенберг, само принципите на слобода и владеење на правото може да го дефинираат битието за тоа што треба да биде оваа земја. Не само денес. Изгледа дека за НАТО и не мора.

loading...