Search
среда 8 април 2020
  • :
  • :
Најнови Вести

Се разведува. Трети пат по ред. Од истиот маж.

Македонија

Заболени
599
Мртви
26
Излечени
30
Активни
543
Last updated: 08/04/2020 - 06:29 (+02:00)

Трошка од престилка
Се разведува. Трети пат по ред. Од истиот маж. А сеуште не успеала да се разведе ниту еднаш. Ако имате време и нерви, овде ќе ја прочитате нејзината долга потресна приказна во која повеќето од вас во некој дел ќе се пронајдат. Ќе ви ја раскажам онака како што таа ми ја раскажуваше мене, а јас ја доживеав…

…Првиот пат кога се вратив дома за да се разведувам, мислев лесно ќе биде. Ме смируваше мајка ми „Не грижи се, се ќе биде во ред, имаш ти родители, не си дете од улица, не смее он така, вака“. Добро е, си давав надеж, моите се со мене. По некој ден реториката почна да се менува… „Сигурна си? А да размислиш? Добро ако си решила, не ти се мешаме, ама што со децата? Кај ќе одат? Со кого ќе живеат?“ И тука ми го зари првиот нож во срцето. Ме пипна кај што најмногу ме болеше. Наскоро и татко ми се вклучи во сценариото кое сфатив дека ми го кројат зад затворени врати, па се менуваат со улогите на сцената. Ми доаѓа едниот, па другиот. Сега тој ми приоѓа одоколу… „Татичко, комшииве ме прашуваат дали си тука на гости, не знам што да им кажам. И твојон го гледаат како се вртка тука, те бара, доаѓа, си оди, до кога ќе ги лажам?“ Ако требаше да го преформулирам неговото прашање директно, ќе гласеше некако вака „Кога планираш да си одиш?“ Го гледам и му го читам срамот во очите, му прекипува од душата. Можам ли да му објаснам дека нема од што да се срами, или срамот да му го претворам во гордост, на 65 годишен човек? Спремна ли си, силна ли си, имаш ли супер моќи тоа да го направиш, се прашував? Ох, не. Не се ни обидувај. А толку многу знаев колку тато ме сака и колку многу за мене го боли, и исто толку знаев дека не можам од корените да го откорнам. Додека му ги гледав секирациите, не знаев ни дали сакам да му го направам тоа. Нему и на мама. Стануваа навечер, ги слушав како нешто тивко шепотат за да не ме разбудат, пиеја вода, шушкаа со апчиња кои тие неколку ноќи прекумерно ги голтаа, ме покриваа да не настинам, како кога бев девојченце. Па почнав себе си да се обвинувам. Што им направив на луѓево? Заслужија ли на старост заради мене да не спијат? Толку ли сум себична? Требаше заради нив да издржам. И се вратив.

Вториот пат кога се разведував, по две години од првиот, како камења да ми беа врзани за нозете додека одев накај моите. На главната глумица, мама, која секој пат ми тврди дека покрај мене ќе стои што и да одлучам, а за која разводот е еднаков на крај на светот ако не и пострашно, уште од врата во очите ѝ ја видов сликата од него и мене со стомак до заби од свадбата (зошто било неубаво да го абортирам бебето нели, а уште поголем срам да го родам вонбрачно) и моите деца како плачат по мајка им. Грозоморниот лик на оној кој не смееше да ми го прави ова или она оти не сум дете без родители, од ден на ден почна вештачки да се разубавува. Па постепено почнуваше… „Што му фали на маж ти? И ти не знаеш што сакаш! Децата го обожаваат, ги чува, тебе многу те сака, сама викаш ништо лошо не ти направил, какви мажи има знаеш ли, љубоморни, пијат, се коцкаат, ги тепаат жените… Што се занесуваш? Да не мислиш поарен ќе најдеш?“ Помислуваш на повремените излети по „поарни“ на нејзиниот омилен зет и на други работи за него кои мама не ги знае зошто не си сакала дополнително да ја потресуваш, и чекаш само уште да додаде „Не аздисувај, преку леб погача бараш, сигурно има некоја друга причина што по втор пат од него си одиш…“ Не го кажа тоа, ама мене ми се чинеше како да ја чув. Не постои таква причина. Тогаш не постоеше. Мора ли да постои причина воопшто? Вториот нож во срцето. Ме слушаше начулена додека зборував со децата кога ме бараа, кога со наполнети главчиња со разни валкани лаги плачеа по мене, ме прашуваа каде сум, дали е вистина дека сум ги оставила засекогаш и ме молеа да се вратам, и почнуваше пак со истото… „Греота се, што со децата сега? Погледнете што им правите, нели ви е жал?!“… Одеднаш само „јас“, нејзината ќерка, не постоев, постоевме „ние“. Јас и тој. Бездушници на кои не им е жал за децата. Почнав ли и на моите да им наликувам на него? Посакав да викнам на цел глас, да ѝ кажам на мама „А што со ова твое дете мамо? Не сум среќна со тој човек, толку ли не разбираш? Нели е тоа греота?“ ама се соземав. Па почнав себе си повторно да се обвинувам. Што им кажувал на децата за мене? Зошто беа толку вознемирени? Што им направив на сопствените деца? Каква мајка сум? Заслужија ли заради мене да плачат? Толку ли сум себична? Требаше заради нив да издржам. И се вратив. По втор пат. Заради децата барањето за развод го повлеков.

Години поминаа оттогаш. Предолги. Третиот пат кога се разведував, не заминав кај моите по големата караница дома само за да ги заштитам од маж ми, од немир и од стресови, зошто веќе знаев што ќе се случува. Отидов на друго место, кај моја пријателка. Не заминав кај човекот кого пред помалку од една година случајно го засакав повеќе од себе, иако нозете натаму ми одеа, а срцето за таму ми плачеше, зошто кај него ми беше и лекот и утехата. Причината која мајка ми ја бараше пред повеќе години кога неа воопшто ја немаше. А маж ми повторно и кај пријателката ме најде. И повторно ми досадуваше дење и ноќе. Од полиција ме прашуваа… „Ве удри? Ве нападна? Ве повреди ли?“ Им велам „Не, не е агресивен, ама доаѓа и стои пред зграда, ми ѕвони, ме вознемирува и ме плаши.“ Се шокирав кога ми одговорија „Госпоѓо, ако не прави ништо, тој е слободен човек, може да стои кај сака. Јавете се ако се случи нешто друго.“ Што друго требаше да се случи? Меѓу редови како да прочитав едно некажано… „Не се секирајте, ќе дојдеме ако ве повреди, не дај боже убие“… она, со црна вреќа, евентуално. Погодете кому морав да се јавам на крајот од денот? На оние пред кои маж ми единствено се повлекуваше од срам, понекогаш. На мама и на тато. На оние кои ме враќаа во занданата им се јавив… за да ме вратат повторно таму… за мое добро. Ме седна тато на маса овој пат и без вртење од одоколу, директно ми рече: „Прибери се. Зборев со него, запнал да се смирите, да се вратиш, ама многу е нервозен, преку глава му е веќе. Не дај боже, ако продолжиш вака, се плашам да не направи некоја беља, а нема ни да одговара, има врски во полиција, ќе се извлече. Кој ќе те штити ако дојде баш кога нема да сум тука? Дури и тука да сум, гледаш дека остаревме со мајка ти, се споболевме, немаме веќе сила со него да се убедуваме и расправаме. Си се јавила во полиција. И што дека? Нели гледаш дека овде не важат ни правила, ни закони? Децата ќе ти ги земе, ќе ги сврти против тебе, очи нема да им видиш, и таму врски ќе фати. Кој ќе те теши тогаш? Се ќе ти земе, и куќа и стан, на улица ќе останеш, и тоа ќе го издејствува. Кој ќе те прибере тогаш?“ Третиот нож во срцето. Ме болеше вистината во неговите зборови која на моменти ми звучеше како заплашување, како маж ми да го слушав. Му влегол ли во свеста и на татко ми? Со што му ја наполнил и на него главата? Ме удираше со тие зборови како со шамари. Не за друго, сакаше да ме освести, да ме симне од облаците каде што бев залутала, да ме потсети каде живеам, во држава во која никој не може да ме заштити од сопруг од кој, само затоа што ме сакал и тој така сакал, не можам мирно да си отидам… Тато се повлече, некако успеа по некое време да дремне зошто ова се случуваше во 2 по полноќ, мама е на смена. Срцето ми изгоре додека ги гледав. Грижа на совест ме изеде. Што им направив на луѓево? Повторно јас сум виновна. Повторно сум себична.

Ја чекав мама, ми требаше, да ја гушнам, пред неа да се скршам, целата моја болка со неа да ја поделам, главата на нејзиното колено да ја спуштам, косата да ми ја милува како некогаш кога бев мало девојченце, а јас сите свои маки и мисли пред неа да ги истурам и да се исплачам. На нејзините вообичаени воведни убедувања да подразмислам уште еднаш зошто имало и бетер, попуштив со трпението, со нервите, со се… „Мамо, доста веќе, нема што да размислувам, не го сакам разбери! Ми се гади, ми се повраќа од него! Овој пат имам и причина. Друг човек сакам и само со него животот можам да го замислам. Зарем не сакаш да бидам среќна барем еднаш?“ Ликот на мама во тој момент со зборови не можам да ви го опишам, можам само додека сум жива да го памтам. Шок, разочарување, неверување. Си го прекри лицето со двете раце и веќе не ме погледна, се срамеше од мене, од детето што го родила… Офкаше додека гледаше накај таванот… „Оффф, што зборуваш ти? Ќути да не те слушне татко ти, ќе умре човекот. Мене си ми го кажала ова сега и на никој друг! Разбра? Како не ти е срам? Така ли те воспитував, за ова да ми го направиш? Кај ти е сега тој што го сакаш да те прашам, што не отиде кај него, што не те прибере тој, туку пак нас не викаш!?“… Се обидов да ја смирам, да ѝ објаснам… „Ништо лошо не сум направила. Го оставив мамо пред да се случи она што ти мислиш дека е лошо. Му реков дека никогаш нема да се разведам. И му го нагласив тоа „никогаш“ за да си замине полесно. Го оставив заради вас. Го оставив заради оној кај којшто упорно ме враќате, зошто се плашев да не го повреди ако кај него отидам, ни крив ни должен. Го оставив иако ме сакаше, иако се за мене знаеше, иако ме убедуваше да останам, да не се плашам, да бидам храбра кога ќе го окончувам овој мртов брак зошто тој ќе ме заштити и се што може ќе направи за мене. Не се согласив. Не затоа што се плашев за себе како што мислеше тој, туку затоа што се плашев за него. Тој тоа не го знаеше тогаш. А сакав и ќе останев со него. Да не ме спречувавте со години сите, атер за деца, атер за брак, атер за фамилија, атер за комшии, сега слободна ќе бев, сега со него ќе бев. Среќна ќе бев. Жива ќе бев. Жива! Никаков контакт со него веќе немам. Верувај ми. И никој не знае. Сакав само на тебе за него да ти раскажам, немам кому мамо…“ Веќе липав кога ме прекина. Не ѝ докажав, а сакав да знае, дека таа љубов ми се случи непланирано, дека не ја барав, ниту ја посакував, но дека не успеав да и се спротивставам зошто е вистинска, каква не сум почувствувала никогаш досега, како од бајките, за каква што токму таа ми раскажувала и каква што отсекогаш за мене посакувала… Не ни можев, немав кога да ѝ раскажам каков човек е тој, колку е добар, внимателен и нежен, колку убаво се чувствував покрај него. Дури ни името негово не стигнав да ѝ го кажам… не сакаше да го чуе… не ми дозволи… „Прекини сместа! Не сакам уште еднаш збор за тој човек да слушнам!“ И толку беше. Четвртиот нож во срцето го добив кога стана, кога од својот скут ме оттурна со само едно замавнување со раката… како трошка од престилка. Паднав на подот и таму останав. Ниту една солза од образите таа вечер мама не ми избриша. Сите си ги избришав сама. Не верувам дека било кога во иднина ќе ме погледне со истите очи. Веќе не сум нејзината чесна мамина маченица, пример на жртва за децата, умна и послушна затвореничка, гордост татина. Сега сум маминото најголемо разочарување, маминиот најголем срам… Замрев. Занемев. Одвнатре мртва бев. Се во мене умре. И последната надеж. За себе одамна престанав, само за нив во тој момент живеев. За децата. И за човекот кој беше спремен да се жртвува за мене, а јас свесно го изгубив за да не стане жртва. Само тие ми останаа во срцето. Ми ги окупираа мислите, ми се вртеа пред очите. Целосно истоштена, повторно осамнав со фактот кој со години со ништо не можев и да сакав да го сменам – моите деца премногу го сакаат татко им, човекот кој јас не го сакам, и не сакаат да живеат ни без него, ни без мене. Не се виновни тие што живеат во бајка, а не знаат дека нивната бајка за еден од нас двајцата е зандана. И јас не сакам и не можам да живеам без нив. Се на тоа се сведува. Тие ми се најважни. Не смеам да ги жртвувам. Не сакам да ми ги одземе, да ме мразат и осудуваат, не сакам да не сакаат да ме видат, не сакам да не можам да ги видам. Би умрела. Не може поинаку… Јас не сум важна, тоа е себичност, фамилијата е поважна, така целиот свој живот мама и тато ме учеа… Ќе можам ли повторно да издржам?

Уште колку? До кога? Додека не успеам да се ослободам засекогаш. Од сите! Ќе се случи тоа еден ден. Можеби и наскоро. На сите ќе им покажам и докажам дека можам! Би можела природно да си заминам од овој свет конечно слободна, кога ќе ми дојде времето, ама тоа за себе не го посакувам. Посакувам да си заминам по своја волја и предвреме, за да ги ослободам од теретот сите оние на кои им ја наметнав и кои сеуште ја носат мојата тежина… Ќе се случи тоа еден ден мамо, кога повеќе нема да можам да издржам и кога повеќе заради никого и ништо нема да ми се живее. Тој ден тато ќе се гордее со мене, а ти нема од мене да се срамиш, зошто јас ќе бидам храбра, ти ветувам. Ќе биде тоа денот кога ќе ти го тргнам срамот од скутот мамо со само едно замавнување со раката, брзо и лесно… како што се трга трошка од престилка… Денот на петтиот нож во срцето.

(Посветено на мојата пријателка за која неизмерно се плашам и грижам зошто не знам што ќе биде со неа. На сите жени како неа кои некогаш или во овој момент поминуваат низ слична голгота, кои тивко ќе го прочитаат текстов до крај иако е предолг зошто ќе се препознаат во него, ама ќе го одмолчат, за да не забележат тој, мама, тато, дада или бато. Текстот го посветувам и на голем дел од вас кои во зандана секој ден се враќате, која ви е добро позната, ја препознавте, иако тоа нема да го признаете. Посвета и на добар дел од вас, мажи и жени подеднакво, заради чии закоравени и традиционални ставови жените во Македонија трпат вакви измачувања, кои иако за себе мислите дека сте модерни и прогресивни, верувам први се разочаравте кога чувте дека девојката од приказната сака друг човек, па поради тоа не е за жалење туку за најостра морална осуда, зошто таа нели нема право да живее и да сака, такво право само мажот има, кои без размислување знаете за малтретирана жена да кажете „Така ѝ треба!“ или „Сама си го барала!“, кои кога маж посакува друга жена си мислите „Ништо страшно, маж ли е, што ли е!“, а кога жена ќе го направи истото „Страшно, каква ороспија е!“ И вие ќе се препознаете, а можеби и ќе го одмолчите текстов за да не се експонирате, оти нели, модерни и прогресивни сте, додека во мислите девојката ќе ја плукате и на плоштад ќе ја каменувате. И на крајот, текстот им го посветувам и на сите оние луѓе на кои им е тешко да разберат „Како е можно жените во Македонија да трпат вакви работи и зошто воопшто ги трпат, кога мажите се разведуваат штом ќе им се присака без проблем?“, освен можеби вака, пластично, на жив пример. На нечие дете без родители… Вие нема во текстот да се препознаете зошто во кожата на овие луѓе никогаш не сте биле, ама можеби конечно ќе сфатите. Ете како и ете зошто трпат!)

loading...