Search
недела 20 октомври 2019
  • :
  • :

Роберт од Куманово: Во Канада станав милионер, а бев сиромав, без школо и без родители

Здраво , јас сум Роберт Николовски од Куманово, роден 22.09.1972 година. На 10-годишна возраст татко ми почина, а мајка ми веднаш за шест месеци се премажи за соседот. Сето тоа многу тешко ми падна и не можев да го прифатам новиот татко.

Затоа побарав помош од двајцата мои браќа и сестрата кои живеат во Скопје и веднаш заминав кај нив. Не одев во училиште, па на 13 годишна возраст морав да почнам да работам во фурната во Козле.

Тука започна мојата борба за живот и самостојност. Го научив пекарскиот занает и оттогаш се селев по сите населби каде ќе добиев работа. Животот за егзистенција беше многу тежок, но работев макотрпно, деноноќно.

Додека престојував во еден подрум под кирија на ул.Рузвелтова, се запознав со три девојчиња кои беа студентки на Педагошкиот факултет. Во една од нив се вљубив, а и таа во мене, па се роди голема љубов. Меѓутоа, нашата љубов не наиде на одобување од нејзината фамилија, бидејќи беше од друга националност, и поради тоа имавме големи проблеми. Но, сепак, нашата љубов истраја до крај и ги победи сите потешкотии.

Со мојата љубов, жена, другарка и партнерка го добивме нашиот убав син Ненад, а по 4 години се роди и нашата ќерка Анита. Јас едвај преку пријатели успеав да се вработам во Жито Лукс, каде работев 8 години, а покрај оваа работа продолжив да работам и приватно.

Успеавме да купиме плац во Припор за да не живееме цел живот под кирија, и затоа морав да работам трета смена во Ванила, па во Жито Лукс и на крај во Меџик кај грчка амбсада.

Еден ден ми пријде шоферот што носи јогурт и ми понуди работа во Канада. Јас без размислување прифатив иако не познавам никој таму, ниту го знам јазикот. Ми извадија работна виза на една година и после 8 месеци јас ја напуштив државната работа во Жито Лукс и заминав за Торонто.

Ме пречекаа газдите и ме однесоа во Винзор каде имаа фурна, но ништо не беше како што ветуваа. Јас разочаран од таму се вратив назад во Македонија каде немав ни пари, ни работа, ниту здравстевно осигурување.

Морав повторно од нула да почнувам. За среќа ме прифатија во Росана, Лептокарија каде работев 6-7 месеци, кога повторно добив понуда од други луѓе за работа во Канада.

Така за 7-8 месеци заминав за Хамилтон исто така, со работна виза за една година. И тука никого не познавав, ниту го знаев јазикот, но луѓето беа добри и ме плаќаа за разлика од претходните.

После една година добивме виза за жена ми и децата, па така ги повлеков со себе и сега сите заедно живееме. После 8 години јас успеав да ја реализирам мојата желба и да отворам своја пекарница, за што зедовме кредит и купивме бизнис за 400 000 долари.

Работата ни одеше одобро со жена ми и го враќавме кредитот, но набрзо моравме да го напуштиме дуќанот на една година поради реновирање. Веднаш најдов друг дуќан со два двособни станови за цена од 1,2 милиони долари и благодарение на нашата макотрпна работа, се’ уште сме тука, бизнисот добро оди, работиме фамилијарно а имаме уште 7-8 вработени.

Во моментов сме единствена македонска пекарница со толкав капацитет во Канада, го правиме најдобриот бурек! Му благодарам на Бога што после 13 години напорна работа, на крај се стекнав со големо богатство за кое можев само да сонувам.

Сега сум мултимилионер. Се надевам дека мојата животна приказна ќе инспирира многу млади, да не се откажуваат од својот сон, зошто трудот и маката се исплатат во животот и ако човек е вреден и работи трудољубиво, секогаш ќе успее во животот!

Текстот го уреди: И.П. 

loading...