Search
петок 14 декември 2018
  • :
  • :

Павле Трајанов за РСЕ

loading...

„Ако дојде до конфликт тогаш сигурно дека Македонија ќе биде вовлечена затоа што на косовска страна ќе се повтори сценариото Албанците од Македонија да се обидат да им помогнат на сите возможни начини и тогаш ќе не доведат како држава во многу непријатна ситуација. Значи ние треба да ја затвораме границата со Албанија и Косово за да не се инволвираме во евентуален конфликт, тоа значи дестабилизација на Балканот пошироко. Најдобро решение при една таква претпоставена ситуација е Македонија да остане неутрална и да изгради неутрален став и да не дозволи директно вклучување во такви сценарија.” -Павле Трајанов за РСЕ.

Евентуален конфликт меѓу Косово и Србија би можел да го дестабилизира целиот регион, а Македонија не би можела да остане имуна на безбедносните ризици, велат аналитичарите. Сепак, не веруваат дека до такво сценарио ќе дојде, бидејќи тензиите ги подгреваат политичарите за внатрешна употреба.

Веќе извесно време односите меѓу Косово и Србија се заострени, а евентуален конфликт меѓу овие две соседни земји би можел да предизвика безбедносни последици и за Македонија, велат упатените по најавите за формирање на „војска на Косово“ и можната интервенција од српска страна. Сепак, поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов се сомнева дека до таков конфликт ќе дојде. Убеден е дека тензиите ги подгреваат политичарите за внатрешна употреба, но доколку ваквото сценарио се случи тој смета дека Македонија нема да може да остане изолирана.

„Ако дојде до конфликт тогаш сигурно дека Македонија ќе биде вовлечена затоа што на косовска страна ќе се повтори сценариото Албанците од Македонија да се обидат да им помогнат на сите возможни начини и тогаш ќе не доведат како држава во многу непријатна ситуација. Значи ние треба да ја затвораме границата со Албанија и Косово за да не се инволвираме во евентуален конфликт, тоа значи дестабилизација на Балканот пошироко,” вели Трајанов.

Трајанов смета дека најдобро решение при една таква претпоставена ситуација е Македонија да остане неутрална и да изгради неутрален став и да не дозволи директно вклучување во такви сценарија.

Политичкиот аналитичар и претседател на Евроатланскиот сојуз Исмет Рамадани вели дека за да се осигура стабилност дома, Македонија треба пред се да работи на внатрешната безбедност. Сепак, тој уверува дека членството во НАТО при евентуален регионален конфликт на Македонија ќе и донесе заштита од евентуални безбедносни ризици.

„Ние и сега во оваа фаза имаме одредени гаранции меѓутоа кога ќе почне протоколот да се ратификува, тоа значи дека ние го добиваме нашето место во НАТО или еден степен повеќе за нашата безбедност“, вели Рамадани.

Тој додава дека политичарите внимателно треба да ги креираат политичките потези.

„Сметам дека политичките потези треба да се насочени кон обезбедување стабилност и безбедност на државата, да не бидеме колатерална штета на евентуални инциденти или мал конфликт кој може да се сучи во регионот“, заклучува Рамадани.

Според нашите соговорници, најверојатно до воен конфликт нема да дојде. Проценките се дека дијалогот меѓу Белград и Приштина би се постигнал до пролет следната година, по што се очекува нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Во меѓувреме, покрај најавите на Приштина дека оваа година има намера да ги трансформира Безбедносните сили на Косово во Армија на Косово, четири од 27-те земји членки на НАТО кои не го признаваат Косово како независна земја, Грција, Шпанија, Романија и Словачка, не сакаат Косово да добие своја војска. Српската премиерка Ана Брнабиќ пак, најави дека создавањето на војска на Косово би можело да испровоцира воена интервенција од страна на Србија.

Неодамна, косовската влада соопшти дека воведува давачки од 100 насто на сите стоки увезени од Србија и Босна и Херцеговина. Со тоа дополнително се зголемија тензиите меѓу Белград и Приштина откако Косово не успеа да стане членка на Интерпол.

loading...