Search
петок 6 декември 2019
  • :
  • :
Најнови Вести

НОВА: Групата врз која беше пукано во Палас, дента била претресувана за кокаин

Пишува: Љубиша Арсиќ

Полицијата продолжува со истрагата за вооружениот напад во скопскиот хотел Александар Палас и откривање на идентитетот на напаѓачите кои многу лесно пристапиле до хотелот и со автоматско оружје испукале проектили кон петмина кои седеле во лобито и гласно коментирале занесени во темата на разговор. Додека трае периодот на истрага МВР тешко дека ќе соопшти поконкретни детали, но тоа само ги засилува гласините и непотврдените информации за извршителите, како и за причините за нападот. Дали овој вооружен инцидент е навистина напад кон одредена криминална група или пак, пукањето е само начин за привлекување внимание? И ова ќе се знае наскоро, затоа што инспекторите се сомневаат во сите верзии кои овие два дена се пласираат во јавноста.

ПО ЛИКВИДАЦИЈАТА НА ТРОЈЦАТА БРАЌА АЈЕТИ, КОКАИНОТ ГО ПРЕЗЕМААТ ДРУГИ

-Групата која беше мета на нападот ја оствари својата цел без оглед дали нападот бил навистина од противници или во сопствена режија, коментираат истражители кои се дел од потрагата по сторителите, затоа што за една ваква група е важно да има медиумско внимание со цел да испрати порака до другите групи со кои се бори за превласт на црниот пазар. Она што со сигурност го знае полицијата е дека причината за инцидентот е пазарот за кокаин во Скопје и пошироко. По ликвидацијата на Џелал Ајети од Арачиново во 2013-та година, а претходно на неговиот брат Неџмедин во 2005-тата, како и ланското усмртување со оружје на вториот негов брат, Наим, пресретнат од возило на улицата Франклин Рузвелт во Скопје, други групи го преземаат приматот на пазарот на наркотици. Постојаните престрелки помеѓу нарко групите отсекогаш биле за превласт на пазарот или пак, за нерасчистени финансиски сметки. Изворите на НОВАТВ пренесуваат дека нападнатата група во хотелот, пред два дена, била комбинирана, некои се приврзаници на групата на Шеваљ Муареми од Грчец, некои се на групата од Дуќанџик. Но, кој точно пукал врз нив? Тие во полиција вината ја насочиле кон младиот Ајети, син на Џелал, односно внук на Неџмедин и Наим, кој е еден од последните во групата од Арачиново, која по смртта на неговите претци, тројцата браќа, престанала да биде доминантна на црниот пазар, а се поприсутна станувала мешаната група од Грчец и Дуќанџик. Така е и денес.

ПОЛИЦИЈАТА 10-ТИНА ПАТИ ГИ ИМА ПРЕТРЕСУВАНО НАПАДНАТИТЕ

Медиумите низ годините како предводник на групата од Дуќанџик го посочуваа Орхан Бајрами, иако тој демантирал дека е член на некаква банда. За Грчец пак, како главен се споменува Шеваљ Муареми чија група беше позната по оперирање со возила. Имено, голем број украдени автомобили завршуваа во Грчец. Но, иако сите информации и траги водат кон двете групи, од Грчец и онаа од Дуќанџик, дека се главните организатори на кокаинскиот пазар, сепак МВР никогаш немало цврсти докази за продажба на дрога од страна на овие групи. –Не дека тие не продаваат, но секогаш се вниматели и имаат сериозно воспоставена шема за откривање на сите полициски акции – коментираат полициски извори. На пример, неколку пати е правен претрес во домот на Муареми во Грчец, но изненадувачки и за инспекторите- тој никогаш не бил затекнат дома, а уште помалку можело да му се открие нелегална стока. Тоа значи дека секоја полициска интервенција однапред им се јавувала на нарко- босовите за да можат да се засолнат или да ја сокријат дрогата. Поучени дека се цел на полициски претреси, искусните дилери имаат места каде што го кријат кокаинот, а многу често и се менува таа локација. Во последните две до три години, пренесуваат нашите извори, оваа сомнителна група за продажба на кокаин била пресретнувана и претресена од полицијата повеќе од 10 пати, како нивните возила, така и нивните домови, но залудно. Речиси никогаш не им била откриена значителна количина дрога токму заради заштитата што ја имаат од некои полициски структури. Истото се случило и викендот кога се одвиваше кратката престрелка во Александар Палас. Прво полицијата им извршила претрес на некои од нападнатите, а потоа тие заминале во хотелот. Дури и вечерта во саботата, неколку часа пред да биде пукано врз лицата, ним им била повикана полиција од страна на хотелот затоа што биле непристојни и гласни. Но, откако ги легитимирала, полицијата заминала, по се изгледа знаејќи за какви опасни лица станува збор. Тие останале во Палас, а потоа следеле пукотниците. Инаку, според сознанијата на полицијата, дилерите кога носат поголема количина кокаин не ја превезуваат со себе, тоа го прават нивните млади асистенти во друго возило, а во трето секогаш се транспортира оружје за да можат да возвратат ако дојде до пукотници со полицијата, или со друга противничка банда.

 

ДАЛИ НАПАДОТ Е ВИСТИНСКИ ИЛИ ИСЦЕНИРАН?

Првичната потрага на полицијата по сторителите и мотивите за нападот утврдила некои сомнителни елементи и затоа МВР истражува дали навистина посочените лица од Арачиново пукале, дали младиот Ајети има толкава храброст да се пресметува со многу посилната група од неговата? Според полициската пракса кога напаѓачи пукаат со автоматски пушки со цел некого да усмртат пукаат рафално и ги празнат сите куршуми освен ако прецизно ја погодат метата со првиот рафал, а некогаш ставаат и нова рамка за да продолжат со пукањето кон противникот, но овој пат не било така- не се испукала ниту една цела рамка. Нашите извори коментираат дека напаѓачите не се исплашиле од пиштолот на полицаецот кој седел во друштво на нападнатите, затоа што додека тој излегол да пука, тие веќе заминувале. И запалениот Туарег во околината на Арачиново е можно само да користи за дефокус, односно полицијата однапред да помисли дека арачиновска група стои зад нападот затоа што возилото заминало кон тоа село. МВР секако ќе се обиде да ги приведе осомничените, оние кои се посочуваат за виновни, како Ајети и неговите пријатели, да им направи парафинска ракавица, да провери кое е нивното алиби. Некои од верзиите за настанот посочуваат теорија дека арачиновската група имала намера да им докаже на противниците дека им се лесна мета, но истражителите објаснуваат дека таквите ликвидации се извршуваат наеднаш, молскавично, со една цел, без испраќање порака. Според нив, ако напаѓачите навистина сакале некого да убијат тогаш би го сториле тоа или во холот или пак би ги пресретнале противниците на излегување од хотелот. И да не успеале во намерата сепак ќе имало ранети и голема материјална штета. Но, да не прејудицираме пред органите, тие ќе мора да направат реконструкција и пред јавноста за да соопштаат што навистина се случило и кој и зошто пукал во хотелот. Како и да каже кои се стрителите.

ГРУПАТА ЗА КОКАИН БИЛА ЕДНА, НО СЕ ПОДЕЛИЛА НА ДВЕ

Точно е дека постои нетрпеливост и одмазди со ликвидации на двете групи, онаа од Арачиново и двојната група од Грчец и Дуќанџик за превласт на нарко пазарот. Бројките со заработка се големи и очекувано е дека секој би сакал да ја има доминатната улога. Во услови кога на нарко пазарот царува кокаинот, на сметка на хероинот кој исчезнува последните години, нарко дилерите заработуваат илјадници евра дневно. Токму распространетоста на кокаинот ја направи оваа супстанца достапна за сите. Ако само пред неколку години се зборуваше дека кокаинот е скапа дрога, занимација за милионерите, сега тој е играчка за сите социјални слоеви, за секој што може да издвои 50 евра за половина грам. Бројот на дилери на кокаин е рапидно зголемен последната деценија. А формирањето на нарко мрежата започнала во деведесетите години на минатиот век, кога Џелал Ајети од Арачиново и Агим Шерифи ги здружиле силите и започнале да врбуваат десетици дилери. Но, по десетина години соработка пукнала тиквата помеѓу двајцата, па тие станале ривали на пазарот. Во 2009-та Агим Шерифи е пронајден мртов под нејасни околности. Од тогаш Ајети е главниот нарко шеф се додека тој и неговите браќа не завршуваат мртви, сите од огнено оружје, за потоа бизнисот со дрога да го преземат посилните и побројните, оние од Грчец и оние од Дуќанџик. Инаку, Агим Шерифи е вујко на Орхан Бајрами, оној кој се споменува како еден од лидерите на групата Дуќанџик, па затоа и сомнежите дека тој, заедно со лица од Грчец има своја банда.

И на крај, за многумина е нејасно зошто полицаец се дружел со дилерска банда. Изворите од МВР објаснуваат дека полицаецот не бил на должност, ниту пак бил ангажиран како вметнат агент за да открие информации за нарко мрежата во Скопје. Едноставно тој бил другар со оние кои треба да ги гони. Службениот пиштол имал право да го носи, а реагирал затоа што наводно многумина во хотелот биле доведени во опасност. Тој можеби и ќе се извлече од Внатрешната контрола на МВР без да одговара за дружење со опасните момчиња, но дали тој, но и некои други се полицајците  се доушници на дилерите, па ја опструираат секоја полициска акција против скопскиот нарко картел. Секако дека инцидентот отвори многу дилеми, но во она што можеме да бидеме сигурни дека одново нема да се открие ниту еден напаѓач, ако се суди според праксата дека ниту еден вооружен напад помеѓу нарко бандите не е расчистен, а тие од време на време си се пресметуваат со пушки по улица, малку за превласт во бизнисот, малку за крвна одмазда.

ИЗВОР ПОРТАЛ НОВА ЛИНК ТУКА

loading...