На протестот пред Собранието синоќа бил приведен раперот Жарко Масларковски од дуото „Пука козметика“ , но и неховиот брат Дарко, кој објави видео од приведувањето.

Како што може да се види на снимката, приведувањето се случило додека Дарко имал обраќање во живо и покажува како најпрвин неговиот брат е легнат на улицата пред Собранието и потоа со лисици на рацете е внесен во комбе. На снимката може да се слушне и дека тој обвинува еден од полицајците дека го удрил.

За настанот преку соопштението информираат и од Министерството за внатрешни работи.

„На 11.01.2019 година околу 21,20 часот на улицата “Димитрие Чуповски“ во близина на Порта Македонија, едно непознато лице физички нападнало полициски службеник. Лицето било приведено, но пред да биде внесено во службено возило дошло друго лице, кое исто така физички нападнало полициски службеник. Двете лица се приведени во Полициската станица Центар и било утврдено дека станува збор за Д.М.(35) и Ж.М.(35) од Скопје. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопштија од МВР.