Search
петок 10 април 2020
  • :
  • :

Марија ја нема, роднини на Брзакови порачаа одлуката на семејството да се почитува!

Македонија

Заболени
663
Мртви
30
Излечени
37
Активни
596
Last updated: 10/04/2020 - 09:19 (+02:00)

Цел месец лица кои се претставуваат како блиски роднини на исчезнатата Марија Брзакова (28) од Босилово, Струмица, односно нејзини братучетки и тетки, го споделуваат апелот и фотографиите од младата жена на социјалните мрежи. Но, и покрај тоа што ја молат јавноста за било каква информација за исчезнатата роднина, сепак ниту една од нив не е расположена да зборува во јавност и да даде повеќе информации за медиумите во врска со случајот.

,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со повеќе лица од Струмица, но и од Швајцарија, каде до неодамна живеела Марија со семејството, а кои на социјалните мрежи се претставуваат како нејзини роднини, апелирајќи за помош при наоѓањето на Брзакова.
Она што е изненадувачки, е тоа што ниту една од нив не сака да открие ништо за младата жена, чие што мистериозно исчезнување ја бранува јавноста.

Единствено, блиска роднина на сопругот на Марија, по потекло од Струмица, а која што живее во Берн, Швајцарија, и чиј идентитет е познат на редакцијата ,,Фокус”, кратко ни одговори дека сите во фамилијата се доста потресени, но сепак семејството одлучило да не излегува во јавност.

-Ја знам Марија од дете, а нејзиниот сопруг ми е близок роднина. Да не се излегува во јавност е одлука на семејството и тоа треба да се прифати и почитува – ни одговори роднината на Брзакови, додавајќи дека не сака да открива повеќе детали.

На прашањето дали евентуално сопругот на Марија би се согласил да излезе во јавност и да ја раскаже својата страна на приказната, со оглед на тоа што се актуелни голем број на шпекулации по повод настанот, таа ни одговори дека ќе го праша, но одлуката дали конечно ќе се реши да се појави во медиумите е само негова.

И по две недели од разговорот со блиската роднина на Брзакови, сопругот на Марија не одговори на поканата за разговор со ,,Фокус”.

Впечатливо и е и тоа што мајката на Марија, Валентина, повеќе не одговара на телефонски повици и на СМС пораки, и тоа на телефонскиот број кој што се споделува заедно со апелот и фотографиите од младата жена и мајка. Се наметнува прашањето, кога никој не одговора на повиците, што ако на телефонскиот број ѕвони некој кој што има информација за Марија?

Од СВР Струмица исто така нема никакви новости по повод случајот, освен дека истрагата е во тек.

-Ако има нешто ново, ние ќе ве информираме – во повеќе наврати ни изјави Хризантема Рендевска од СВР Струмица.

Марија Брзакова заминала од семејниот дом во Босилово на 18-ти јануари, сабота, во четири часот наутро, без документи кај себе. Сопругот го пријавил исчезнувањето во полиција во понеделник, на 20-ти јануари по 15 часот.

Нејзините родители кои живееле во Швајцарија се вратиле во родниот крај, исто како и родителите не нејзиниот сопруг. Нема информација дали родителите и сопругот на Марија се уште се во Македонија, или пак се вратиле назад во Швајцарија, каде што живееле и работеле долги години наназад.

Вики Клинчарова

loading...