Search
среда 11 декември 2019
  • :
  • :
Најнови Вести

Кои се македонските „газели“ – во земјава има 284 брзорастечки компании

Овие брзорастечки компании таканаречени “газели“ коишто ги зголемиле приходите од работењето по најмалку 20% последните три години, лани инкасирале вкупно 1,65 милијарди евра приходи, направиле профит од 207,8 милиони евра, а вработуваат вкупно 22.509 луѓе, а Таргет Груп за првпат во земјава обработува и објавува една ваква анализа.

Газелите се многу брзи животни коишто може да развијат брзина на движење и до 100 km/h, но во бизнис светот важат за синоним за најбрзорастечки компании. Иако има различни дефиниции за тоа колку голема треба да биде една компанија и колкави стапки на раст на приходите треба да има за да се смета за “газела“, филтерот којшто би бил најсоодветен на македонската економија, а тоа е минимум 20% раст на приходите последните три години до ниво поголемо од 250 илјади евра, покажа дека во земјава има 284 такви фирми со карактеристики на “газели“. Но, сепак такви се само 0,5% од вкупниот број на деловно активни фирми во земјава, што значи дека “газели“ има по една меѓу 200 други компании.

Сите заедно, минатата година направиле обрт од 1,65 милијарди евра, профит од 207,8 милиони евра и имале вкупно 22.509 вработени што е само 3,8% од вкупниот број на вработени во приватниот сектор. Приходите лани им се зголемени за 60% споредено со 2017 година, добивката пораснала за 259% додека пак бројот на вработени за 27%.

Најголем дел од нив, односно 222 се мали компании коишто имаат обрт до два милиони евра и најмногу 50 вработени, 36 “газели“ се средни по големина со обрт од два до 10 милиони евра и до 250 вработени, и 26 се големи компании.

Ако се анализираат секторите во коишто компаниите најбрзо правеле пари во земјава последните три години, произлегува дека најмногу “газели“ се изродиле во секторот товарен патен транспорт, и тоа 29 компании што се занимаваат со оваа дејност. Потоа следува компјутерско програмирање каде што има вкупно 13 најбрзорастечки компании; изградба на станбени и нестанбени згради со девет фирми; а исто толку и ресторани и објекти за подготвување и послужување храна; и неспецијализрани продавници за трговија на мало, главно со храна и пијалаци. Останатите сектори каде што има најмногу газели се неспецијализирана трговија на големо со осум компании; по седум во дејностите коцкање и обложување; во производство на горна облека; и друга трговија на мало во продавници.

Најбрзите 20 газели во Македонија

Најголем раст на приходите последните три години прикажа компанијата за трговија на гас, ТЕ – ТО ГАС ТРЕЈД. Почнувајќи со приходи од само 2,5 илјади евра во 2015, со годишни стапки на раст од 140% во 2016, па зголемување за дури 240 пати во 2017 година, и раст од 13 пати во 2018 година, достигна до приходи од 19,5 милиони евра лани. Добивката на компанијата за лани изнесува 270 илјади евра, а иако газелите се карактеристични како извор на најмногу работни места во економијата, во оваа компанија лани биле вработени само двајца.

Втората компанија на оваа ранг листа, според растот на приходите, исто така е од енергетскиот сектор. Тоа е МОНТИНГ ЕНЕРГЕТИКА ТИКВЕШ, друштво за производство на електрична енергија, со седиште во Скопје. Со приходи од само 23 денари во 2015 година, прикажувајќи раст од 3.269 пати во 2016, 334 пати следната година, па 40% лани, достигнува до приходи од околу 570 илјади евра. Оваа компанија пак, воопшто нема вработени.

Со вкупни приходи од околу еден милион евра лани, следна на листата е компанијата ВИКТОРИ ФООД од Демир Хисар којашто се занимава со одгледување на повеќегодишни посеви. Во 2016 година, оваа компанија ги зголемила приходите за два и пол пати, потоа во 2017 година остварила најголем скок од 135 пати споредено со годината претходно, а лани бележи раст од 57%.

Потоа следува градежната компанија ВЕЛ СИТИ ГРУП од Велес што се занимава со изградба на станбени и нестанбени згради. Со приходи од само 56 денари во 2015 година, лани оваа компанија направила обрт од два милиони евра и добивка од околу 600 илјади евра. Има вработено тројца.

Петта на листата најбрзорастечки компании е странската инвестиција во фабриката за електрична и електронска опрема за возила во Охрид, КОСТАЛ. До приходите од 23,4 милиони евра лани, доаѓа преку високи стапки на раст од 168.570 пати во 2016 година кога и почнува со производство, потоа 62 пати во 2017 година и 182% лани. Компанијата има вкупно 258 вработени.

Во првите 20 најбрзорастечки компании во земјава се рангирани и друштвото за авиопревоз СИС АВИАТИОН; уште една странска инвестиција лоцирана во технолошко индустриската развоја зона во Прилеп, компанијата ИНЈЕЦТИОН МОУЛДИНГ, односно фабриката АКОМПЛАСТ; друштвото за трговија МЕТРО ХОЛДИНГ од Скопје; потоа, компанијата за производство на горна облека МФА ТРЕЈДИНГ од Штип; а првите десет се заокружуваат со подружницата на бугарската компанија за произвдоство на електрилна енергија, СОЛАРПРО ХОЛДИНГ од Софија.

Останатите десет на оваа ранг листа ги опфаќаат компанијата за техничко испитување и анализа на моторни возила МОТО АМЕРИТ од Скопје; компанијата за товарен патен транспорт од Кочани, АВТО – СЕЛ; странската инвестиција во ТИРЗ Тетово, ЛЕАР ЦОРПОРАТИОН којашто е и најголема компанија меѓу овие 20 со приходи од 51,4 милиони евра, добивка од 2,2 милиони евра и најголем број на вработени, вкупно 1.325 луѓе.

Потоа следува компанијата за трговија со моторни горива БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ од Скопје; компанијата од дејноста на коцкање и обложување БЕТ ТУ МАР; потоа компанијата за трговија на големо со месо БАЈКА ФАБУЛА од Скопје; компанијата за неспецијализирана трговија на големо, ПРЕМИУМ АГС од Скопје, па компанијата за трговија со дрва, градежен материјал и санитарна опрема, АЛБАТРОС НАМИ од Скопје. Првите 20 најбрзорастечки ги заокружуваат една компанија од струмица за трговија на големо со текстил, ДИАНИТА; и компанијата ПОЛЕТ ШПЕД од Тремник, неготинско.

Првите 20 најбрзорастечки компании имаат вкупен обрт од 170,4 милиони евра за 2018 година, што е десеттина од вкупните приходи на сите “газели“, оствариле добивка од 4,2 милиони евра, а имаат вработено 2.103 луѓе. Интересно е што најголем дел од нив, односно дури 12 “газели“ вработуваат помалку од 10 луѓе во своите компании.

Доколку сакате да ја погледнете листата на 20 Најбрзорастечки компании присинете тука – Аналитика 20 Најбрзорастечки компании!

Што се “газели“?

Основната дефиниција за компанија “газела“ е таа да има раст на приходите од најмалку 20% годишно во текот на последните четири години, што значи дека во анализираниот период, приходите би биле најмалку дуплирани. Основниот филтер за учество во оваа база на компании е приход од најмалку еден милион евра во првата година.

Оваа идеја прв пат ја воведува економистот Дејвид Бирч во некои свои рани студии за вработување и го претстави концептот пред пошироката публика во неговата книга „Создавање работни места во Америка“ од 1987 година: Како нашите најмали компании вработуваат најмногу луѓе. Тој потенцира дека малите компании се најголемите креатори на нови работни места во економијата, проценувајќи дека “газелите“ сочинувале 4% од сите американски компании, но учествувале со 70% во создавањето на сите нови работни места.

Сепак, дефиницијата за “газела“ се прилагодува на соодветните економии, па така во нашиот случај, за такви се сметаат компаниите што имаат раст на приходите од најмалку 20% годишно во текот на последните три години, а лимитот на приходите е најмалку 250 илјади евра.

Анализа на податоци: Таргет Груп

Новинарска обработка: A.J

Напомена: Таргет груп ја поседува листата на сите 284 компании брзорастечки компании „газели“, а доколку сакате да ја добиете може да не исконтактирате на следниот број 02/3117-100.

Топ 20 Име на компанија Приходи 2018 Раст 2016 Раст 2017 Раст 2018 Вкупен раст (2016 – 2018)
1 Друштво за производство, промет и услуги ТЕ-ТО ГАС ТРЕЈД ДООЕЛ Скопје 1,200,950,875 140% 23985% 1240% 322736%
2 Друштво за производство на електрична енергија МОНТИНГ ЕНЕРГЕТИКА ТИКВЕШ ДОО Скопје 35,115,504 326843% 33342% 40% 46598%
3 Друштво за производство и трговија ВИКТОРИ ФООД увоз-извоз ДООЕЛ Демир Хисар 60,462,726 151% 13478% 57% 21169%
4 Друштво за градежништво, промет и услуги ВЕЛ СИТИ ГРУП ДОО увоз-извоз Велес 122,517,886 1076752% 9260% 117% 20217%
5 Друштво за производство и трговија КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Охрид 1,438,114,749 16856998% 6192% 182% 17673%
6 Друштво за авио превоз СИС АВИАТИОН ДООЕЛ Скопје 423,788,511 69% 1646% 530% 10901%
7 Друштво за производство, трговија и услуги ИНЈЕЦТИОН МОУЛДИНГ ПРИЛЕП ДООЕЛ увоз-извоз с. Алинци, Прилеп 32,750,381 271952% 1165% 112% 2581%
8 Друштво за трговија и услуги МЕТРО ХОЛДИНГ ДОО увоз-извоз Скопје 104,866,034 767% 1165% 58% 1899%
9 Друштво за производство, трговија и услуги МФА ТРЕЈДИНГ ДООЕЛ увоз-извоз Штип 80,957,240 93% 952% 85% 1848%
10 СОЛАРПРО ХОЛДИНГ АД Софија Р.Бугарија – подружница во Република Македонија 299,305,359 110% 755% 127% 1843%
11 Друштво за техничко испитување и анализа на моторни возила МОТО АМЕРИТ ДООЕЛ – Скопје 28,301,839 65% 1017% 70% 1800%
12 Трговско друштво за производство,трговија,транспорт и услуги АВТО-СЕЛ ДООЕЛ Кочани 121,895,360 139% 714% 117% 1667%
13 Друштво за производство, трговија и услуги ЛЕАР ЦОРПОРАТИОН МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Тетово 3,160,620,970 90880% 703% 84% 1377%
14 Друштво за градежништво, трговија и услуги БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје 719,743,590 209% 1078% 22% 1334%
15 Друштво за промет и услуги БЕТ ТУ МАР ДООЕЛ Скопје 1,891,252,472 28% 462% 116% 1116%
16 Друштво за угостителство БАЈКА ФАБУЛА ДООЕЛ Скопје 34,866,040 137% 471% 97% 1022%
17 Друштво за трговија и услуги ПРЕМИУМ АГС ДОО увоз-извоз Скопје 76,937,120 68001% 308% 161% 967%
18 Друштво за производство, трговија и услуги АЛБАТРОС НАМИ експорт-импорт ДОО Скопје 64,433,782 157% 455% 89% 951%
19 Друштво за трговија и услуги увоз-извоз ДИАНИТА ДООЕЛ Струмица 470,121,639 72% 625% 42% 932%
20 Друштво за производство, трговија и услуги ПОЛЕТ ШПЕД ДООЕЛ с.Тремник Неготино 113,519,335 30% 163% 291% 928%
loading...