Search
вторник 18 јуни 2019
  • :
  • :

Интервју со Оливер Спасовски: Не смеевме да го следиме Груевски

Интервју со Оливер Спасовски: Не смеевме да го следиме Груевски

Јавноста со право е гневна поради бегството на Никола Груевски, кое отвора прашања и за пропусти, како и за способноста на полицијата, признава министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Tој вели дека не поседувале законски права да го следат поранешниот премиер. Во исто време, тврди дека довербата кон МВР се зголемува од ден на ден. Управата за безбедност и контраразузнавање веќе не прислушува нелегално, а ќе има и прочистување на вработените во оваа институција. Не демантира дека би можел да биде кандидат за претседател на Македонија, но дипломатски одговара оти фокусот во моментов е насочен кон финализација на договорот за името, а потоа во СДСМ ќе размислуваат кого да го кандидираат за наследник на Ѓорге Иванов.

Господине Спасовски, постојано повторувате дека Министерството нема вина во бегството на Никола Груевски. Но јавноста е гневна и бара одговори, а никако да ги добие: Дали е можно полицијата да не внимавала на неговото движење, на неговиот стан, да се остави незабележано да помине половина територија на Македонија, непречено да излезе од земјава?

Со право јавноста негодува за бегството на Никола Груевски. Станува збор за човек кој е олицетворение на режим кој владееше во оваа држава 11 години. Многу неправди беа нанесени, многу човечки судбини уништени заради своеволието на овој човек. Но, истовремено, се уриваше и правниот систем во оваа држава. Нешто што е уништувано 11 години не може да биде изградено преку ноќ. Бегството отвори многу дилеми и се постави прашањето за постапките или можните пропусти и во Министерството за внатрешни работи. Отворањето на овие прашања е легитимно и имаат одговори, но за да зборуваме со отворени карти, ќе мора да ја почекаме истрагата на Јавното обвинителство.

Да речеме дека сте во право дека пропусти има во системот, а не во МВР. Тогаш се поставува уште едно прашање: Зарем е можно безбедносните служби да немаат никакво сознание дека поранешниот премиер подготвува бегство, при што биле вклучени и странски служби?

Службите располагаат со информации кои можат да ги прибават користејќи ги методите и средствата кои законски им стојат на располагање. Службите, и БЈБ и УБК, се исклучително внимателни при користењето и примената на посебните истражни мерки или други методи и средства и во ниту еден момент не посегнуваат по нелегално и противзаконско постапување, и законските одредби се јасни и ги даваат насоките за дејствување. Сознанијата со кои располагаме се споделени со Обвинителството и тие се дел од истрагата која е во тек. Се надевам дека истрагата ќе заврши наскоро и сите детали ќе бидат обелоденети.

Помисливте ли на оставка, ако ништо друго – тогаш од морални причини? Премиерот тврди дека сте му понудиле оставка, но тој ја одбил.

Секој разумен политичар знае дека еден ден ќе мора да замине од функцијата на која е избран или именуван. Во министерството влегов со една единствена цел, а тоа е тоа да го врати својот углед на професионална служба, декриминализирана и деполитизирана. Започнавме неколку реформи и се движиме во вистинска насока. Јас никогаш нема да се откажам од мојата заложба за борба против криминалните структури.

Министре, опозицијата поднесе интерпелација за вас, се споменуваат низа пропусти во работењето, грабежи, убиства и насилства. До каде е истрагата за двојното убиство на „Рузвелтова“ што се случи во пресрет на референдумот и се дозна ли кои биле мотивите за ликвидацијата на Мартин Јанушев? 

Граѓаните знаат дека тоа не е така, а и бројките го докажуваат тоа: 75 отсто од граѓаните на последната анкета на ОБСЕ се изјаснија дека се чувствуваат безбедни. Статистиките покажуваат дека криминалот се намалува. Дека откривачката дејност се зголемува. Реформите одат со одлично темпо. Значи, работите одат на подобро. Но право на опозицијата е да поднесе интерпелација, а јас сум подготвен да одговорам на сите прашања на пратениците. Ова ќе биде уште една можност да ја запознаам јавноста со сето она што го сработивме во МВР. Фактите велат дека ја враќаме довербата на граѓаните кон полицијата, која поради познатите причини беше целосно изгубена. Преку низа активности ја зголемивме безбедноста на граѓаните. Една од нив е враќањето на маалскиот полицаец. Значително ги подобривме и состојбите во сообраќајот преку превентивните активности, но и преку зголемените сообраќајни контроли. Резултатот е видлив, намалување на бројот на жртви од сообраќајни незгоди. Ги подобривме и условите за работа на полициските службеници затоа што само мотивирани и добро опремени полициски службеници можат да дадат соодветни резултати. По речиси цела деценија, купуваме униформи за полициските службеници, ги реновираме објектите на полициските станици. Од втората половина на 2017 година заклучно со денес, реконструиравме 18 објекти. Се разбира, ние на ова нема да застанеме туку со овие активности продолжуваме и во текот на наредната година за кога планираме да вложиме нови 70 милиони денари за реновирање и реконструкција на објекти. Во 2019 година, меѓу другото, планираме активности за обновување на објектите на полициските станици во Дебар, Кочани, Крива Паланка, Виница и многу други… Покрај ова, следната година планираме интензивирање на активностите во делот на програмите за полициска обука, едукација и специјализација, ново зголемување на платите на вработените во МВР. Сето тоа ќе придонесе за уште подобри резултати, односно за уште поголема безбедност на граѓаните.

Работењето на Управата за безбедност и контраразузнавање и натаму е рак-рана за Министерството. Кога конечно таму ќе работат единствено професионалци, а не партиски кадри? Иако прислушувањето сега е во рацете на новоформираната ОТА, како да се верува дека УБК не продолжува да „слуша“ за да уценува или од некои слични побуди?

Јас тврдам дека УБК не слуша нелегално. Со новите законски решенија, кои стапија во сила и започнаа со примена, предвидена е неколкустепена контрола. Ги повикувам Собранието и другите институции што имаат овластувања да контролираат да извршат стручен надзор над целиот систем за следење на комуникациите. Нека спроведат стручен и независен надзор и контрола за да може јавноста да добие потврда дека нелегалните прислушувања се минато.

Реформата на системот на следење на комуникациите беше почетокот на реформите во безбедносно-разузнавачките служби. Спроведовме сеопфатен консултативен процес со академската јавност, граѓанските организации и пратениците и заедно ѝ предложивме на Владата модел за реформа на УБК. Владата го усвои моделот со кој ќе се формира нов самостоен орган кој ќе биде задолжен за заштита на националната безбедност, уставното уредување, основните човекови слободи и права, како и справување со глобалните безбедносни закани. Во тек е подготовката на предлог-законите кои ќе го уредат основањето и надлежноста на овој орган, но и законот со кој ќе се уреди системот на координација помеѓу неколкуте безбедносно-разузнавачки служби. Тие се веќе објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи и во тек се согледувањата на забелешките и коментарите што пристигнуваат.

Најважниот дел од оваа реформа ќе биде процесот на селекција на професионалните кадри кои ќе продолжат да работат во новата агенција. Овој процес ќе биде објаснет во законот, но во текот на неговото спроведување ќе ја имаме поддршката од нашите стратегиски партнери. Целта на оваа селекција е да се изберат најдобрите кадри кои ќе гарантираат дека работат единствено за интересите на државата, ослободени од политички и партиски влијанија и тоа ќе бидат професионалци со интегритет и капацитет да се носат со предизвиците. Ниту еден сегашен припадник на УБК кој има поврзаност со криминални структури нема да биде дел од новата Агенција, ниту од Министерството за внатрешни работи. За криминалните структури нема место во безбедносно-разузнавачките служби.

Деновиве сме во очекување на решенијата за амнестија за насилствата во Собранието од минатогодишниот 27 април. Нели сметате дека е поразувачки за правниот систем на една земја, па и за полицијата како чувар на безбедноста на граѓаните, обвинети за најтешки дела да добиваат слобода поради политички договори?

Помирувањето и простувањето ни е потребно во државата за да ги движиме процесите напред. Законот за амнестија има конечна цел да донесе помирување, подавање рака помеѓу народните избраници од различни партиски определби во Собранието, со тенденција тоа да продолжи насекаде. Таа е конечната цел. Самиот закон прави јасна дистинкција, разграничување, што значи учество во насилството, што значи организацијата или осмислувањето на настанот. Истовремено, ќе ја испрати пораката дека казнувањето мора да постои. Сега е моментот да направиме чекори и да постигнеме помирување во државата, затоа што таму каде што има слога и единство, може да очекуваме и поголеми успеси за Македонија. И сето ова нè носи уште поблиску до членството во НАТО и до интеграцијата во Европската Унија.

Каков е вашиот однос со премиерот Зоран Заев? Според анкетите, тој има најголем рејтинг, кога се во прашање претседателските избори. Дали Заев има такви амбиции и дали сметате оти му се подготвува теренот за ротација од „Илинденска“ кон Водно?

Како долгогодишен соработник на претседателот Заев, со мирна совест тврдам дека тој има една единствена амбиција, а тоа е Македонија да биде европска земја, членка на ЕУ и НАТО, демократски стабилна и економски развиена. Изминатиов период тој го понесе поголемиот товар од целиот политички процес на промена на власта и стабилизирање на државата и за очекување е неговиот висок рејтинг. Каква одлука и да донесе, знам дека таа ќе биде најдобрата за иднината на оваа држава. Во изминатите години имавме сериозен дискурс на позицијата претседател на Република Македонија, време е да се вратиме на вистинскиот колосек.

 И вашето име се споменува како можен претседателски кандидат. Се гледате ли себеси како наследник на Ѓорге Иванов и што би требало да се случи за да прифатите таков предизвик?

Јас сум посветен на мојата работа во Министерството за внатрешни работи. Во тек се сериозни реформи на безбедносните служби, што е од огромна важност за стабилноста и безбедноста на државата и квалитетот на живот на граѓаните. Пред нас е и еден сериозен процес во парламентот за носење на уставните амандмани, со цел реализација на договорот од Преспа. Прво треба да го завршиме овој процес, па потоа партиите да се посветат на номинирање кандидати за претседателските избори.

Со новиот Закон за данок на личен доход, кој почнува да се преименува од први јануари, вие ќе бидете единствен министер од Владата што ќе биде подложен на прогресивно оданочување, имајќи предвид дека вашиот месечен надомест изнесува над 90.000 денари. Од таа гледна точка, интересно е да се слушне каков е вашиот став за овој Закон? 

Секој закон што ќе придонесе за микро и макроекономска стабилност на земјата и нејзин економски развој, го прифаќам позитивно. Во едно општество, јас како поединец, не сум важен ако мнозинството од граѓаните се задоволни и државата зајакнува.

Каде ќе ја минете новогодишната ноќ? Што очекувате на лично и професионално ниво од новата 2019 година?

Новата 2019 година ќе ја дочекам дома, со најблиските. На сите граѓани на Македонија им посакувам здравје, среќа и работни успеси. Македонија да ја следат напредок, благосостојба и стабилност.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски

НЕЗАВИСЕН МК

loading...