Search
среда 19 февруари 2020
  • :
  • :

Има само 19 години, а е сопственик на три компании

Фотографија на Баже Василев.

Хрватот Никола Зец има 19 години, втора година е на Економскиот факултет во Риека и е сопственик на три компании.

“Директор сум и основач на стартапот WorldFood Box и Gooders News, како и на агенцијата за советување на претприемачи Nikola Zec Business. Првата компанија што ја основав е WorldFood Box уште во средно училиште, а во овој момент е најголем увозник на слатки и грицки на балканскиот пазар. Покрај тоа, во моментот работи и на основање на првата медиумска куќа за позитивни вести во Хрватска под името Gooders News со којашто сакам да го променам начинот на комуникација на медиумите со јавноста“, вели Зец за Glasistre.hr.

Целта на Gooders News, како што вели тој, е ширење на позитивни вести и промовирање на позитивност преку хумористични содржини. Тој сака да ја информира јавноста за тоа колку е важно позитивното размислување и зачувување на менталното здравје.

“Нашата цел не е да манипулираме со содржините заради создавање на лажно чувство на позитивност, туку нашата цел е преку квалитетни, забавни, хумористични и позитивни содржини да се промени секојдневието и начинот на размислување на хрватската јавност. Исто така, сметаме дека медиумите со негативни вести се битни заради поттикнување на промени, но сметам дека во ‘морето’ негативни вести треба да постои и позитивна содржина што ќе создаде одреден баланс“, вели Зец.

Што се однесува за почетоците во претприемништвото и формирањето на WorldFood Box, Никола вели дека дошол до таа идеја, патувајќи во Австралија. МУ се чинела одлична идејата светските производи да ги донесе во Хрватска.

“На 17 години го почнав брендот WorldFood Box којшто во овој момент е еден од најголемите увозници на храна од странство на балканскиот пазар. Најпрво почнав со малопродажба и директно на клиентите им испраќав кутии со грицки и слатки од сите делови на светот. Тоа се производи од: Австралија, Финска, Шведска, Германија, Јапонија и Кина. Имам доставувачи од Велика Британија, а бидејќи тогаш бев малолетен, првата компанија ја водев преку мојот татко. Кутии со различни производи се порачуваа преку интернет продавница… Дојдов до заклучок дека најдобро е да почнам со големопродажба и да ги снабдувам продавниците со тие производи. Најмногу работам со компании од Босна и Херцеговина и Србија. Во Хрватска сè уште не најдовме заинтересирана компанија“, вели Никола.

Третата негова компанија се занимава со маркетинг, видеопродукција и консалтинг, во чии рамки на клиентите им нуди услуги за современи методи за маркетинг и видеопродукција.

Фото: Facebook

loading...