Search
среда 11 декември 2019
  • :
  • :
Најнови Вести

И ПО ПЕТ МЕСЕЦИ – одлуката за затворската казна за Јанкулоска „фаќа“ прашина во Врховен

Пет месеци откако и беше одложено издржувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, се уште не се знае дали и кога ќе замине во затвор поранешната министерка за внатрешни работи Гoрдана Јанкуловска. Топката е во рацете на Врховниот суд, односно кај петчлениот Кривичен совет, кој треба да пресече дали ќе го прифати нејзиното барање за вонредно преиспитување на правосилната судска пресуда.

За потсетување, Јанкуловска за случајот „Тенк“ има правосилна судска пресуда за казна затвор од четири години, откако претходно Апелацискиот суд и ја намали првостепената пресуда од шест години. На издржување на казната требаше да замине на први јули годинава, а претходно беше „поштедена“ со образложение од судот дека има за чување мало бебе под едногодишна возраст.

Сепак, неколку дена пред тој датум, нејзината затворска казна беше одложена. Односно, петчлениот кривичен совет на Врховниот суд на чело со претседателот Јово Вангеловски донесе одлука да го усвои нејзиното барање казната да се одложи, се до вонредното преиспитување на правосилната пресуда.

Од Врховен суд сега за Фактор не можат да прецизираат кога ќе одлучуваат, односно кога ќе се постапи по барањето на осудената Гордана Јанкуловска.

„Одлуката за вонредно преиспитување на правосилноста на пресудата е во рацете на Кривичниот совет при Врховниот суд, и ние не знаеме кога тој ќе ја донесе. А, тој ќе реши кога ќе смета дека за тоа се исполнети законските услови. Се дотогаш издржувањето на казната ќе биде одложено. Но, треба да се има предвид дека ова е само привремено одлагање, се додека Кривичниот совет не донесе одлука“, објаснуваат од Врховниот суд.

Што ќе се случува понатаму, зависи како ќе пресече Кривичниот совет при Врховниот суд. Ако тој ја прифати правосилноста на пресудата, Јанкулоска ќе мора да замине во затвор.

„Доколку Кривичниот совет ја потврди правосилноста на пресудата, односно доколку се одбие барањето на осудената за нејзино вонредно преиспитување, во тој случај казната останува. Тогаш веќе нема правни пречки за издржување на казната. А кога осудената ќе почне да ја издржува казната ќе зависи од другите институции, како што е Управата за извршување на санкциите. Но, доколку се уважи барањето на осудената, има опција да се укине пресудата, и во тој случај постапката се враќа на пониските судови. Се зависи од тоа како тие ќе одлучат, што значи дека има опција и за повторување на судењето“, велат за Фактор од Врховниот суд.

Инаку, предметот „Тенк“ се однесува на набавката на блиндираниот „мерцедес С 600 гард“ вреден 600 илјади евра. Во обвинението се вели дека во 2012 година обвинетиот Никола Груевски, како тогашен претседател на Владата, со искористување на своето реално влијание и службена положба, побарал од обвинетата Гордана Јанкулоска, да ја реализира јавната набавка. За случајот „Тенк“ Груевски е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски на 6,5 години, по што Апелација му ја намали казната на 4,5 години.

А ова е само еден од случаевите со судската власт што ја револтираат јавноста поради неказнивоста на некогашните високи политички функционери.

Дополнително, нервоза создава тоа што денеска, на специјален колегиум, уставните судии ќе дебатираат за иницијативата за оценување на членови од Кривичниот законик, кои се однесуваат на злоупотреби на државниот буџет. Тоа ја отвора дилемата дали на овој начин се подготвува терен за спас на осомничените од обвиненијата на СЈО. Со поднесената иницијатива се бара да се укине членот 353 од Кривичниот законик, со кој се предвидуваат казни од пет до 15 години за злоупотреби на државните пари.

Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати вели дека судот кон ова прашање ќе има сериозен пристап.

„Ова не е завршена работа. Предметот се одложи мината седница, а утре поради сериозноста на работата закажав колегиум со судиите, каде детално ќе разговараме за оваа проблематика, по што ќе заземат став за понатамошниот тек на постапката“, рече Мурати.

Од друга страна, пак, портпаролката на Уставниот суд вчера тврдеше дека судот за оваа недела нема закажано седница и нема точки на дневен ред, така што не може да се очекува некаква одлука.

Министерката за правда Рената Дескоска, вчера на уставните судии им порача дека нивна обврска е да ја ценат уставноста, а не дали е добра или не казнената политика.

loading...