Search
среда 11 декември 2019
  • :
  • :
Најнови Вести

ГЕРО: ГО ПОДРЖУВАВ ЗАЕВ И СДСМ, А ТИЕ МЕ ИЗНЕВЕРИЈА И САКААТ ДА МЕ НИШТАТ

Еве што и кого јавно поддржав пред три години. И напишав:
“… Ајде да ги сконцентрираме нашите гласови и да го победиме режимот. Реално, сега имаме шанса. Па потоа, ќе го промениме изборниот систем, Македонија да биде една изборна единица, ќе го намалиме прагот, ќе ги отвориме листите и ќе организираме едни навистина фер и демократски избори, на кои сите политички опции ќе добијат вистинска шанса”.
За мојата поддршка на СДСМ бев “награден” со секојдневни, најдолни клевети и навреди од Заевата пропаганда. Харангата врз мене продолжувс, се засилува и допрва ќе кулминира. Но, продолжува и ќе се засили и мојата битка со непрокопсаниците.
А јас од оваа власт, како и од претходните, не барав ништо за себе. Никакви привилегии. Ништо. Барав само добро владеење, способни луѓе на клучните позиции и нулта толеранција за криминалот и за корупцијата. Ништо повеќе од она што заеднички им го ветувавме на граѓаните, СДСМ како опозициска партија, јас како слободен новинар кој ја критикува власта.
Денес моите надежи се изневерени. Како и надежите на многу од вас, кои очекуваа повеќе од луѓето со кои некогаш споделувавме исти или слични вредности. Всушност, се самозалажувавме дека тоа е така…

Branko Geroski

ОПОЗИЦИОНЕРИ, ГЛАСАЈТЕ ЗА КОАЛИЦИЈАТА ПРЕДВОДЕНА ОД СДСМ – “ИЗГОРЕНИТЕ” ГЛАСОВИ, ВСУШНОСТ, СЕ ГЛАСОВИ ЗА ГРУЕВСКИ!

Пријатели, вака стојат работите. Имам почитување за сите опозиционери, за сите што го критикуваат режимот. И од лево и од десно. Сите сте сведоци дека ги поддржувам и дека во медиумите што ги уредувам секогаш им давам простор да се изразат.

Се знае и тоа дека туку речи до вчера неретко го критикував и СДСМ. Ништо нема да ме запре тоа да го правам и во иднина. Имам многу причини и поводи за тоа. Освен тоа, мислам дека партија што се плаши од критика треба веднаш да се распушти.

Но… Сакам јасно и гласно да ви кажам дека на 11 декември јас ќе гласам за коалицијата предводена од СДСМ. Како што гласав и во 2014-та, во 2011-та… Уште повеќе, сите јавно ќе ве повикам да гласате за коалицијата предводена од СДСМ, дури и ако сте симпатизери на други партии.

Еве зошто. Гласајќи за помалите партии и коалиции, вие тешко ќе им донесете пратенички места, но затоа ќе “изгорите” многу гласови што ќе им бидат потребни на СДСМ и на коалицијата за да го победат Груевски.

Ќе ви дадам еден многу поучен пример од изборите во 2011 година. Црвенковски на ЛДП тогаш и понуди 4 добитни места во коалицијата. ЛДП одлучи да настапи самостојно (се сеќавате, нели, ни змија ни магаре). Партијата освои околу 16.000 гласови и нула пратенички мандати. Но, тие 16.000 гласови ја чинеа коалицијата на СДСМ точно 4 мандати помалку. И змија ги апна и магаре им го бапна.

Да не се лажеме, пријатели. На 11 декември ќе биде неизвесно. Секој глас ќе ни биде потребен. Ако сакате режимот на Груевски да падне, најпаметниот избор е да гласате за коалицијата предводена од СДСМ.

Ве молам, размислете добро, немојте да дозволите вашите гласови да пропаднат. Немојте да се случи на 12 декември да пресметаме дека помалите опозициски коалиции и партии освоиле 50, 70 или 100 илјади гласови, но добиле едно, две, три, или можеби ниедно пратеничко место. “Горејќи” гласови, всушност, гласате за Груевски.

Затоа, ајде да ги сконцентрираме нашите гласови и да го победиме режимот. Реално, сега имаме шанса. Па потоа, ќе го промениме изборниот систем, Македонија да биде една изборна единица, ќе го намалиме прагот, ќе ги отвориме листите и ќе организираме едни навистина фер и демократски избори, на кои сите политички опции ќе добијат вистинска шанса.

loading...