Search
петок 18 октомври 2019
  • :
  • :

Феудална кула од 17 век во центарот на Скопје, а ретко кој знае за неа

Ретко кој жител на Скопје слушнал за Феудалната кула, која се наоѓа во центарот на градот. Тоа го покажа и нашата мини анкета меѓу скопјани.

„Феудална кула? Ми звучи познато. Но, не ми текнува во моментов, ни вели 50-годишната Марија Димовска, родена во Скопје.

Сличен одговор добивме и од другите случајни минувачи, кои поминуваа покрај Спомен-куќата на Мајка Тереза. А зад Спомен-куќата, веднаш до Дом на АРМ, е сместена Феудалната или Беговата кула, која некогаш, со своите 14 метри висина, доминирала на тој простор, а сега едвај и да се забележува од другите објекти околу неа.

– Често минувам оттука. Но, никогаш не ми текнало дека објектот до Дом на АРМ е Феудална кула – вели Тони Стојановски од Скопје.

Од тие кои ги анкетиравме, имаше и такви кои знаеја за кулата. Сашко Поповски се сеќава дека порано во кулата имало продавница за сувенири. Тој знае дека во долниот дел на просторот била сместена невладината организација „Мајка Тереза“.

– Знам за Феудалната кула. Но, не знам што се случува сега со неа – вели Сашко.

И ние као Сашко не знаевме што се случува со објектот. Просторот околу кулата оддаваше впечаток дека таа одамна не била посетена од никој.

Се качивме по надворешните скали, но затековме смет пред вратата.

Влезот од другата страна беше исто така затворен. Капија заклучена со ланец. Може да се види само голема фотографија на Мајка Тереза, која како да ни се насмевнува од ѕидот.

„Душата ме боли за кулата“

Кога била изградена? Кој живеел во неа? За што ли била наменета кулата? Како ли изгледа внатрешноста? Што ли има внатре? Безброј прашања ни навираа во глава.

Во обид да дознаеме нешто повеќе за овој споменик од минатото, се упативме кај директорот на Музејот на Република Северна Македонија Гордан Николов. Тој срдечно не пречека и се израдува што некој медиум се сетил да пишува и да ја актуализира Феудалната кула.

Николов ни соопшти дека еден од неговите приоритети е конзервација на кулата и нејзино заживување. Но, судскиот спор со невладината организација „Мајка Тереза“, вселена во долниот дел на објектот, му ги врзува рацете.

– Ние треба да имаме целосно владение врз кулата. Таа е споменик на културата од прва категорија. Еве ви кажувам искрено. Мене душа ме боли за таа кула. Таа е еден пандан на еден омаж, симбол на Скопје од османлискиот период, како што е Чифте Амам, Даут-пашиниот амам, како што е Камениот мост. Таму порано имаше продавница, се актуелизираше објектот. Во позадината има цреша, во чест на Тоше Проески. Но, сето тоа не е системски средено. Објектот одамна е заборавен. Тоа е единствената кула од таков тип во главниот град. Такви кули има во Кратово и една во Тетово – вели Николов.

Станбен и одбранбен објект

Николов вели дека кога стапил на должноста директор на музејот, кулата ја затекнал во лоша состојба и со доспеан долг кон ЕВН од 400.000 денари. Таму сега нема струја.

– Во план ни е конзервација на кулата, која е изградена во 17 век. Објектот има станбен и одбранбен карактер. Нема информации кој живеел во неа. Таа е како кулите во Кратово. Таму живееле. Имале еден интересен систем за праќање пораки. Ги праќале по цевките. Кулите во Кратово имаат посебни тунели, кои водат до реката, за да можат да излегуваат надвор – раскажува Николов, кој вели дека сега неговите колеги се обидуваат кулите да ги направат туристичка атракција.

И тој има планови за кулата во Скопје. Но, се чека и разврската на судскиот спор со невладината организација.

Според неговите проценки, козервацијата на кулата ќе чини околу 60.000 евра.

Директорот на Музејот на Северна Македонија информира дека Феудалната кула или Беговата кула е висока 14 метри со квадратна основа седум ипол на седум ипол метри. Таа спаѓа во посебен вид станбена архитектура која истовремено служела и како одбранбен објект. Поради одбранбениот карактер во долната зона има помал број прозорци и посебен вид отвори за пушки. Единствено на последниот кат има благо издадени балкони од дрво, т.н. теферичи.

Николов вели дека за греење на кулата биле направени две огништа сместени во ѕидовите на првиот и вториот кат. Третиот кат се затоплувал од оџаците кои поминувале низ него. Скалите кои водат низ кулата се сместени во дебелите камени ѕидови чија широчина изнесува 1,45 метри.

– Убава е локацијата. Единствена е кулата. Атрактивна. Беше заборавена 11 години. Но, сега планираме да ја актуелизираме и заживееме – вели Николов. Тој се потсети дека порано живеел тој објект и будел голем интерес кај странски туристи.

Животот во времето на беговите

Кон крајот на 17 век, период во кој бил изграден тој објект, развојот на Скопје и мирот којшто владеел бил прекинат со повлекувањето на отоманската војска по неуспешната опсада на Виена во 1683 година и навлегувањето на австриските трупи предводени од генералот Пиколомини.

Познато е дека генералот Пиколомини го запалил Скопје, а големиот пожар од 26 и 27 ноември 1689 година речиси целосно го уништил градот. Како последица на пожарот, чаршијата била речиси целосно уништена, а сè што останало се само неколку џамии и амами, како и кулата во центарот на градот.

Иако не е познато кој точно живеел во Феудалната кула или Бегова кула таа сигурно му припаѓала на некој бег, турска воена титула со ранг на полковник.

Беговите во Отоманската империја претставувале лидери односно управители на определен регион, провинција или вилает со кои владееле. Околу беговата кула, во еден низ или во вид на правоаголник, (што може да се види од фотографијата) биле наредени куќичките на сиромашни полјоделци, кои работеле за бегот. Беговите имале чифлик. На чифлизите се произведувале земјоделски производи.

Во денешно време, тој однос на бег со потчинети селани, кои рабтоеле за бегот, е малку чуден и не толку убав, но, сепак, интересен како дел од нашето минато.

Актуелизирањето на Феудалната кула, нејзина промоција, патувањето во минатото и обиот да се долови тој период во главниот град, каков бил животот во него, секако, ќе биде уште едно интересно туристичко место, кои може да им се понуди на странските туристи, за да ја посетат македонската престолнина.

loading...