Search
среда 11 декември 2019
  • :
  • :
Најнови Вести

ДИШЕМЕ ЛИ СИТЕ ИСТ ВОЗДУХ?

Дишеме ли сите ист воздух?

Пишува: Габриела Илиевска

Love is in the air…

Кога ќе речеш дека во 2014 година си почнал некаква битка за чист воздух, а 4 години подоцна нема ништо сменето по тоа прашање, ти преостануваат две опции: или да ја продолжиш битката, или ако во меѓувреме си имал моќ нешто да смениш а не си го направил тоа, да се скриеш негде и да ќутиш.

Ама ние не сме општество каде некој може да разбере што значи срам, морална одговорност, или во најмала рака совест. И кога после скоро 1.500 денови од почетокот на таканаречената “битка“, со секое пречекорување на прагот од станот се соочуваш со воздух кој убива, сфаќаш дека исто како и тие пред нив, и овие, актуелните, те убедуваат дека “божјите сили“ се криви за сѐ.

Во време на класична летаргија, кога локалната власт успеа за само една година да ја убие секоја надеж кај луѓето, тие сѐ уште се убедуваат самите себе, и уште и веруваат во сопствената лага, дека за граѓаните на целата општина прават нешто добро и корисно.

И таман ќе помисли човек дека навистина нешто се менува, ќе се појави самонаречениот “борец за воздух“ и ќе каже дека остварувањето на правото на чист воздух и здрава животна средина, било лицемерие и политички популизам. Истиот тој “борец“, кој ако не беше маската со која шеташе по улици, никогаш немаше да добие фотелја.

Уште потажен и посрамен е фактот што, откако ќе ви каже дека сте “политички платеници” оти барате да дишете, еден час подоцна ќе го фати првиот авион и без трошка срам ќе замине на “службено дишење“ во странство, каде веројатно ќе раскажува дека во неговата држава и во неговиот град, тече мед и млеко. Притоа, којзнае дали ќе помисли дека во државата во која престојува, заради покачувањето на цената на горивата, стотици илјади граѓани излегоа на улица, но дека нив никој не ги нарече “платеници“.

Затоа, повеќе ги почитувам оние кои пред 4 години протестираа и се сликаа носејќи ги своите деца на раменици а денес, заради функциите кои ги добија, молчат. Иако длабоко во себе знаат дека е тоа грешно. Таквата борба, внатрешната, која човек ја води сам со себе е тешка. Од неа се јадеш секој ден, ама таа е знак дека сѐ уште си човек.

Кога на улица ќе излезат 200-300 луѓе и кога ќе ти речат “нема масовност“, сфаќаш дека некои не разбрале дека поентата не е во бројката, туку во целта и пораката. Една птица не носи пролет, ама ја најавува. И дури ја чекаме “битолската пролет“, за Битола е можеби најдобро “борците од 2014” да си седат дома, почитувајќи ги препораките на Министерството за животна средина и да дишат само ако мораат.

А дури седат во топлите домови, можат на ТВ да уживаат во погледот на спектакуларно накитената и осветлена елка во Скопје. Со струја која ја добива од Битола. И колку таа посилно свети, колку повеќе електрична енергија се троши за новогодишните китења на плоштадите ширум Македонија, толку во “градот на конзулите“ е поголема концентрацијата на ПМ 10 честичките. Така, седејќи дома, барем нема да бидат директни сведоци на очајот и траумите низ кои врват битолчани.

Ветивте љубов за Битола. Љубовта е во воздухот, а воздухот загаден…

loading...