Search
петок 18 октомври 2019
  • :
  • :

Бизнисменот Јованов, познат како Мане Левис е меѓу уапсените во денешната акција

Бизнисменот Марјан Јованов , во јавноста познат како Мане – Левис е меѓу уапсените во денешната акција на Обвинителството за организиран криминал, дознава НОВА.

Тој заедно со уште 10 лица се осомничени дека ја оштетиле државата за 2,6 милиони евра со продажба на државно земјиште за изградба на луксузни хотели на кејот Вардар. Според Обвинителството осомничените – меѓу кои е поранешниот министер за транспорт Јанакиевски, вработени во министерството, во Катастарот, нотари и државниот правобранител, наместо да ги раскинат договорите за продажба на државно земјиште наменето поради непочитување на роковите за изградба, тие склучувале анекси на договорот наместо да го вратат земјиштето на државата.

Името на Јованов се споменуваше уште во 2011 кога тогашната Влада ја започна акцијата за продажба на градежното земјиште за едно евро за квадрат. Јованов кој извесно време беше и директор на Дирекцијата за нафтени резерви, тогаш купи градежно земјиште со вкупна површина од 8.745 м2 покрај кејот на Вардар. Тој потоа стана сопственик и на 13 000 метри квадратни земјиште кое се наоѓа веднаш до неговата парцела.

Градежните дозволи за изградба на хотели, Јованов ги обезбедил на крајот на 2011, односно почетокот на 2012 година, и  имал рок да почне со изградбата на хотелите во рок од две години, што не се случило. Членот 66 на Законот за градење е јасен дека  одобрението за градење престанува да важи ако инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Обвинителството за борба против организираниот криминал денеска соопшти дека биле склучени 4 договори за продажба на градежно змејиште и дека осомничените наместо да ги активираат казните пропишани во договорите ако не се испочитува рокот за градење и да го вратат земјиштето на државата, потпишувале анекси на договорот.

„Два договори се склучени со осомничено лице кое во првиот случај се јавува како физичко лице – купувач, а во вториот како сопственик на правно лице. Договорите се однесуваат за земјиште во вкупна површина од 8745м2, со цена постигната со електронско јавно наддавање во износ од 2.500,00 денари за 1 м2 или вкупна вредност од 21.862.500,00 денари и за земјиште во вкупна површина од 13 675м2, наменето за изградба на хотелски комплекси, со цена во износ од 71,00 денар за 1 м2 односно вкупна вредност од 970.925,00 денари постигната со електронско јавно наддавање.

Не водејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, едно од осомничените лица во својство на службено лице покрај тоа што првично констатирало правни пречки за склучување на Анекс на Договорот и побарало истите да се отстранат, ја злоупотребило својата службена положба и овластување и подготвило мислење без да обезбеди дополнителни докази и без да констатира правни пречки за солемнизација на предложениот текст на еден од Анекс – Договорите. Со своите дејствија осомниченото лице постапило спротивно на чл.2 од Законот за државното правобранителство“ пишува во соопштението на Обвинителството за организиран криминал.

Обвинителството бара притвор за 9 од уапсените лица, за едно лице мерки за претпазливост, а се трага по уште едно лице. Распитот на осомничените се уште трае.

 

loading...