Search
петок 6 декември 2019
  • :
  • :

Белизе-врска помеѓу партнерот на Анѓушев и ексфункционер од ВМРО-ДПМНЕ

retro objava

Новиот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и откако стана висок владин функционер не го открива вистинскиот основач на фирмата „Макинвент“ со која неговата „Феро инвест“ е во партнерски односи.

БИРН пред две години се заинтересира за „Макинвент“, откако дознавме дека во моментот кога Анѓушев се здружил со оваа компанија, нејзин сопственик била фирма со седиште во Белизе, офшор што гарантира дискреција на сопственичката структура на компаниите.

Мистериозната „Макинвент“,„Феро Инвест“ на Анѓушев и фирмата на неговиот кум Митко Кржовски го сочинуваат конзорциумот „Хидро Осогово“, кој управува со четирите мали хидроцентрали на цевководите преку кои вода добиваат граѓаните на Крива Паланка.

Во 2015 ги прашавме сите учесници во конзорциумот чија е фирмата од Белизе.

„Сопственик на фирмата од Белизе е бизнисмен од соседството, мој пријател, меѓутоа не можам да ви кажам кој е. Тој нема никаква врска со сите оние што во Македонија се поврзуваат со офшор-капиталот од Белизе“, тврдеше Анѓушев.

Кој е мистериозниот бизнисмен не откри ниту вториот партнер во „Хидро Осогово“, Митко Кржоски, а сопственикот не го знаеше ниту човекот што управуваше и подоцна ја презема „Макинвент“, скопјанецот Игор Секуловски.

„Не знам кој е газдата, иако мислам дека не е еден човек туку цела корпорација. Анѓушев ме замоли да бидам директор, бидејќи сум електроинженер. Не работам таму за плата, фирмата не е активна, освен во проектот со малите хидроцентрали“, изјави Секуловски за БИРН пред две години.

Линковите кон Владимир Здравев

Феро инвест: „Хидро Осогово“ е мал дел од нашите инвестиции

Од компанијата на вицепремиерот Кочо Анѓушев „Феро инвест“ коментираат дека во текстот што го објавивме пред две години сме прикажале „како компанијата од Белизе да е на име на Анѓушев“ и потенцираат дека инвестицијата за која пишуваме е мала во однос на сите други инвестиции на „Феро инвест“ во делот на малите хидроелектрани.
„Станува збор за конзорциум од три фирми, каде „Феро инвест“ има една третина. Оваа инвестиција за нас е помалку од 0,3 проценти во вкупните приходи. Средствата од хидроелектраните се враќаат како инвестиција дури во втората деценија и дека во овој бизнис нема брзи пари, туку трпеливост која треба да донесе профит последните години. За целата инвестиција се земени средства од кредитна линија“, стои во дописот од „Феро инвест“ на Анѓушев.
Анѓушев е сопственик или косопственик повеќе фирми, меѓу кои најголеми се „Брако“ и „Енерџи деливери солушнос“ (ЕДС), а покрај „Хидро Осогово“ тој учествува и во уште неколку други конзорциуми кои управуваат со други мали хидроцентрали.

Нашето ново истражување околу офшор-партнерот на Анѓушев („Макинвент“) упатува кон бизнис-релациите на ексфункционерот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Здравев кој беше директор на државната компанија за пренос на струја МЕПСО и претседавач на  Советот на општина Центар.

Документите од Централниот регистар укажуваат на повеќе врски на „Макинвент“со фирмата „Мелимејт“ за која БИРН пишуваше и ја поврзуваше токму со Здравев.

И двете фирми во Македонија во 2009 се регистрирани како сопственост на американски компании зад кои како основач стои исто лице од САД, извесна Џенет М. Каруцио, а потоа и „Макинвент“ и „Мелимејт“ во 2011 добиваат нови сопственици лоцирани на иста адреса на островот Белизе.

Дека овие две фирми исто се развивале покажува и податокот дека во рок од само една недела летото 2015 и „Макинвент“ и „Мелимејт“ добиваат македонски сопственици, а тоа се скопјаните Игор Секуловски и Љупчо Бакев.

Бакев, кој е директор и сегашен газда на „Мелимејт“, своерачно потпишал документ на „Макинвент“ во Централниот регистар, а тој документ БИРН го поседува.

Истовремено, „Макинвент“ и „Мелимејт“се поврзуваат со луѓе што ги воделе Паркинзите на Општина Центар (ПОЦ), кога Владимир Здравев беше претседавач на општината.

Имено, Тодор Делјановски бил директор и на ПОЦ и на „Макинвент“, додека подоцна во Паркинзи на неговото место доаѓа Маргарита Бакев, сопруга на Љупчо Бакев од „Мелимејт“.

Понатаму, основачкиот влог и на „Макинвент“ и на „Мелимејт“ е зголемуван со приливи на пари преку кипарска банка, па така преку оваа островска држава „Макинвент“ добила вкупно околу 270.000 евра, колку што изнесува моменталниот основачки влог на фирмата.

Владимир Здравев како директор на МЕПСО | Фото: МЕПСО

Линковите на „Макинвент“ со Здравев не се само преку фирмата „Мелимејт“.

Документите од Катастар што ги поседува БИРН, а кои датираат од минатата година, покажуваат дека „Макинвент“ била сопственик на локал во Градскиот трговски центар (ГТЦ).

Денес истиот локал се води на име на „Солун и Иван“, фирма што е дел од имотот на семејството на Владимир Здравев, а тоа се просториите во кои на времето работеше познатиот ресторан „Ања“.

Владино ветување за расветлување на офшор-газдите

БИРН се обиде да го праша Здравев за „Макинвент“, меѓутоа тој ни спушти слушалка и подоцна не одговори на прашањата поставени по СМС.

Анѓушев се повлече од директорското место во ЕДС

Како што Кочо Анѓушев најави, тој денеска се повлече од директорското место во компанијата за трговија со струја „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС), каде сега управител е токму Митко Кржовски. Овој потег е поради тоа што Законот за спречување на корпуцијата не дозволува тој да има извршна функција во Владата и да управува со фирма.

Го прашавме и Анѓушев, преку неговата „Феро инвест“, меѓутоа оттаму нѐ упатија во Централниот регистар, каде што не можеме да дојдеме до одговорот на прашањето кој бил вистинскиот газда од Белизе.

Ова прашање е уште поактуелно ако се земе во предвид дека владата во која Кочо Анѓушев е вицепремиер вети дека ќе ги обврзе сите офшор-компании што инвестираат во Македонија да ги соопштат вистинските сопственици.

Иницијативата ја поддржа и лично Анѓушев на првото интервју како вицепремиер на „Телевизија 24“ минатата среда.

„Тоа е чесно да се направи. Не е нечесно и некоректно да се има офшор-компанија, меѓутоа, зошто некој би се криел зад неа?“ – изјави Анѓушев и потенцираше дека тој лично нема фирма во некоја од даночните оази.

loading...