Search
недела 20 октомври 2019
  • :
  • :

Белгиски медиум објави фотографија на џихадист кој подготвувал нови напади во Европа

tocka-206930

Белгиски медиум објави во четвртокот фотографија на припадник на џихадистичката организација Исламската држава, за кој се тврди дека подготвувал нови терористички напади во Европа, слични на масакрите во Париз и Брисел.

Како што пишува весникот Dernière heure, повикувајќи се на оперативни сознанија на белгиските разузнавачки служби, станува збор за поранешен жител на белгискиот град Вервиер, доселеник од Мароко кој е идентификуван како 28-годишниот Тарик Џадаун. Тој во текот на јуни 2014 година заминал и учествувал во борбите во Сирија и Ирак на страната на Исламската држава.

„Човекот од Вервиер, е централна фигура во плановите на Исламската држава за нови терористички напади во Белгија и во Франција. Во моментов тој се наоѓа во Ирак. Оттаму се занимава со врбување на нови извршители и се обединува да ги поврзе преостанатите во Европа приврзаници на растурената оваа година бриселска терористичка ќелија“, подготвувајќи терористички напади во Брисел и во Париз“, се истакнува во прилогот на весникот во кој се наведува соговорник од безбедносните служби.

Џадауд од претходно ѝ бил познат на белгиската полиција и пред заминувањето во Сирија. Бил повеќепати апсен во Белгија поради кражби и пружање отпор кон полициски службеници, но минал само со куса затворска казна.

„Нема да биде изненадување доколку следните терористички напади во Белгија се организирани од Вервиер. Бидејќи човекот од овој град, треба да го организира следниот бран терор кај вас. Тој во моментов се наоѓа во Ирак каде што се подготвува да стане следниот Абауд“, предупредил покајникот поранешен припадник на Исламската држава, кој се претставил како Абу Куреиза алудирајќи на Абделхамид Абауд кој се смета за еден од планерите на парискиот масакр од ланскиот 13-ти ноември кога беа убиени 130 луѓе.

Белгискиот суд на почетокот од јули годинава досуди затворски казни во траење од 8 и 16 години за четворица припадници на џихадистичка ќелија во општината Вервиер која беше уништени во јануари 2015 година. Обвинителите тогаш кажаа дека четворицата мажи биле во постојан контакт со терористичката организација Исламска држава во Сирија преку водачот на париските напади од ланскиот 13-ти ноември Абделхамид Абауд и дека планирале сличен напад во Белгија.

Лицето комуницирало со весникот преку сервисот Telegram на англиски јазик, и не сакало да ја открие својата националности ниту причините поради кои ѝ се приклучил на терористичката џихадистичка организација. Рекол само дека се вратил во својата земја на потекло која е на западот, откако учествувал во акциите на Исламската држава во Либија.

„Џадаун е избран за нов Абауд. Тој веќе има двајца Белгијци кои ги чекаат неговите наредби. Се сеќавам дека едниот од нив се нарекуваше Сејфулах (што би требало да значи „мечот на Алах“ – з.р.). Мисијата на Џадаун е да ги собере повторно остатоците од терористичката ќелија Париз – Брисел за нови напади во вашата земја“, цитира натаму Dernière heure.

Во написот се истакнува дека не можеле да се проверат овие информации од трет независен извор, но соговорникот приложил три видео материјали со кои може да се докаже дека имал блиски контакти со Тарик Џадаун и со Љутфи Аумер, поранешен војник кој извршил самоубиствен напад во август годинава во Ирак.

loading...